Конфликтот меѓу Украина и Русија се шири на море

539
Украина ја обвинува Русија дека и ги блокира бродовите и најавува база во Азовско Море до крајот на годината

Како што се интензивираат борбите во Источна Украина така ескалира и конфликтот во Азовско Море, каде што Русија и Украина го јакнат военото присуство. Морето е од големо значење за украинската економија и тоа ќе биде дел од судирот меѓу Западот и Русија во однос на Украина, во моменти кога САД размислуваат како да се вмешаат, оценува американски Стратфор

Конфликтот меѓу Украина и Русија досега беше ограничен на копнени борби за контрола врз Источна Украина. Неодамнешните случувања укажуваат дека петгодишната војна наскоро би можела да се прошири на море. Украина месецов објави планови за отворање поморска база во Азовско Море до крајот на годината. Иницијативата доаѓа во момент кога расте военото присуство на Украина и на Русија во Азовско Море, што делумно е предизвикано од изградбата на мостот меѓу Крим и Русија. Мостот ѝ овозможи на Русија да ги блокира украинските бродови како дел од поголемите ограничувања за нејзиниот поморски транспорт. Поради зголемените тензии, можно е да избие нов конфликт во Азовско Море, особено ако во него решат да се вмешаат и САД, прогнозира американски Стратфор.

Украина месецов објави дека ќе испрати два воени брода до пристанишниот град Бердјанск, а потоа и нови пловила, сили и артилерија. Како поддршка на морнарицата, Киев објави дека ги јакне и копнените сили во близината на морето. Русија, пак, наводно во изминатите месеци пренасочила најмалку десет воени брода и до 40 патролни чамци од Касписко Море до Азовско Море.

Во однос на севкупните поморски капацитети, Русија е во многу посилна позиција од Украина во регионот околу Црно Море. Украинската морнарица има 66 борбени и помошни брода, како и околу 11.000 морнари. Руската црноморска флота со седиште во Севастопољ, пак, може да се пофали со над 2.800 брода и со 25.000 морнари. Но разликите не се само квантитативни. Генерално, бродовите на Украина се многу помали и послаби од тие на Русија.

Четириесет руски воени брода во моментов се во Азовско Море, иако не се распоредени постојано таму. Москва може да ги префрла бродовите меѓу Азовско и Црно Море, според потребите. Истовремено, Русија распореди и 40.000 војници во Крим, посочува Стратфор.

Киев страда од фактот што го загуби пристанишниот град Севастопољ откако Москва го анектираше Крим по избивањето на кризата во 2014 година, по што Киев беше принуден да ја префрли својата главна поморска база во Одеса. Во моментот, Украина има присуство во Азовско Море, но распоредувањето е релативно мало, со само две единици на крајбрежната стража во Бердјанск и Маврпол, кои користат мали и застарени патролни чамци.

Азовско Море е од клучно значење за економијата на Украина – сега уште повеќе откако го изгуби Крим – бидејќи 80 отсто од извозот на земјата поминува низ ова море. Откако Москва го припои Крим, дел од товарниот сообраќај што претходно се одвиваше преку украинските пристаништа на полуостровот, сега е пренасочен кон Бердјанск и Маврипол. Но изградбата на новиот мост преку Керчката теснина, единствениот премин помеѓу Азовско и Црно Море, го попречи товарниот сообраќај кон украинските пристаништа и предизвика јакнење на военото присуство на двете земји.

Технички, Украина и Русија слободно можат да го користат Азовско Море според договорот од 2003 година, но Москва ги изложи украинските бродови на блокади во обидот да ја поминат теснината по почетокот на изградбата на мостот во април 2015 година. Русија повремено забрануваше пристап за сите украински бродови по јули 2017 година, освен за руски воени бродови, со што овозможи контрола врз Азовско Море. Поради тоа, товарниот сообраќај во Маврипол се намали за речиси 30 отсто (од 8,9 милиони тона во 2015 година на 6,5 милиони тона во 2017 година), а во Бердјанск за речиси 50 отсто (од 4,5 милиони тона во 2015 година на само 2,4 милиони тона во 2017 година). Пред конфликтот во Украина, товарниот сообраќај беше многу поголем, со годишен товар од 15 милиони тона. Во изминатите месеци, Русија уште повеќе го прекинува товарниот сообраќај кон Украина, запирајќи 148 брода во периодот од мај до средината на јули, тврдат властите во Киев, додавајќи дека руските потези годишно ја чинат Украина 20-40 милиони долари. Киев ја обвини Москва за прекршување на меѓународното право и ја тужи пред меѓународните судови.

Зголемувањето на военото присуство меѓу Русија и Украина се случува во момент на засилени тензии меѓу Москва и Западот поради Украина. САД и ЕУ ги проширија и ги засилија санкциите против Русија. Засегнатите страни во конфликтот не постигнаа напредок во преговорите за мировните сили на ОН во Донбас, поради разликите меѓу Русија и Западот за нивните задачи и цели.

Во меѓувреме, борбите во Источна Украина се интензивираа по атентатот на лидерот на Донецк, Александар Захарченко, на крајот од август. Убиството го наруши договорот за прекин на огнот од почетокот од учебната година. По атентатот, Русија посочи дека нема итни планови за состанување на Нормандиската четворка (Русија, Украина, Германија и Франција), иако потврди дека тоа нема целосно да го напушти Минскиот процес за решавање на украинскиот конфликт. Украина, пак, ги ревидираше или ги прекина многуте договори со Русија, како дел од целта да ги прекине врските со Москва. Киев најави и раскинување на договорот за користење на Азовско Море.


САД размислуваат како да интервенираат

Како со конфликтот во Источна Украина, така и со спорот во Азовско Море, позицијата на Вашингтон во однос на поддршката на Киев ќе биде критична за натамошниот развој на настаните, оценува Стратфор. Од почетокот на кризата во Украина, САД ја зголемија воена помош за земјата и ги интензивираа заедничките вежби со својот источноевропски сојузник. За ситуацијата во Азовско Море, Стејт департментот на САД го осуди „руското попречување на меѓународниот бродски сообраќај“ и ја обвини Москва дека сака да ја дестабилизира Украина. Во меѓувреме, специјалниот претставник на САД во Украина, Курт Вокер, го посети Киев и рече дека Вашингтон размислува да испрати уште поголема воена помош, иако е нејасно дали оружјето е директно поврзано со настаните во Азовско Море.
Краткорочно, САД реално малку можат да сторат со украинската морнарица, која е многу послаба од руската. Но САД и ЕУ може да му помогнат на Киев на друг начин преку финансиска помош или инвестирање во пристаништата за да компензираат некои од загубите. Од друга страна, САД можат да ја покажат својата поддршка така што ќе испратат свои бродови во пристаништата на Азовско Море, но тоа може да го разгори конфликтот. Како што се зголемува ризикот од интензивирање на борбите во Источна Украина така расте и ризикот од ескалација на конфликтот во Азовско Море, бидејќи двете страни трупаат сили. Ова море има големо значење за украинската економија и тоа ќе биде дел од поширокиот конфликт меѓу Западот и Русија, особено во моменти кога САД размислуваат како посилно да застанат на украинска страна, заклучува Стратфор.