Конгресот не се потчини пред императорите на онлајн-економијата

176

Водечките луѓе на технолошките гиганти се соочија со незгодни прашања за време на сослушувањето пред Конгресот во врска со тактиките за доминација на пазарот кои ги направија успешни нивните компании чија заедничка вредност е речиси пет трилиони долари, пренесува „Њујорк тајмс“.

Во текот на сослушувањето кое траеше повеќе од пет часа, 15 членови на комитетот на Конгресот поставуваа прашања и ги прекинуваа Џеф Безос од „Амазон“, Тим Кук од „Епл“, Сундар Пичаи од „Гугл“ и Марк Закерберг од „Фејсбук“ кои сведочеа засебно, преку видео-врска.

Членовите на комитетот ги критикуваа технолошките компании за купување на стартап-компании за да ги „задушат“ и за нефер користење на собраните податоци за уништување на конкуренцијата, како и поради непатриотските практики на платформите.

– Како чувари на дигиталната економија, овие платформи поседуваат моќ да бираат победници и губитници и да се збогатат преку задушување на конкурентите. Татковците на нашата држава не се потчинија пред крал. Ниту ние не треба да се потчиниме пред императорите на онлајн-економијата – истакна еден од членовите на комитетот.

Во одговорот на овие тврдења, извршните директори се претставија како учесници на дигиталните пазари каде што владее голема конкуренција и бргу се случуваат промени. Тие ги избегнуваа прашањата за одлуките кои ги претворија нивните компании во гиганти.

За време на сослушувањето пред Конгресот, Закерберг направи нешто неочекувано, посочувајќи како „Фејсбук“ заостанува зад конкурентите меѓу кои се „Алфабет“, „Амазон“ и „Епл“ пренесува Блумберг.

Закерберг не се двоумеше да ја „закачи“ конкуренцијата, посочувајќи дека „Амазон“ е маркетиншката платформа со најбрз развој, како и дека „Гугл“ е најголем.

– Во многу области заостануваме зад конкуренцијата. А за секој долар потрошен на маркетинг во САД, помалку од десет центи се потрошени кај нас – истакна извршниот директор на „Фејсбук“.

Токму ваквото излагање на Закерберг е причина зошто извршните директори на технолошките гиганти сакаа да сведочат истовремено пред Конгресот, што би им овозможило да го поделат товарот на испрашувањето. Се смета дека случајот против „Гугл“ и „Фејсбук“ е посилен во однос на обвиненијата со кои се соочува, на пример, „Епл“.

Сослушувањето би можело да биде повод за тужба од Министерството за правда кое го истражува „Гугл“ или од обвинителството кое води засебни истраги за „Гугл“ и за „Фејсбук“, според познавачите на состојбите.

Ова е прво сослушување од овој вид уште од посетата на Бил Гејтс на Капитол Хил во 1998 година, кога основачот на „Мајкрософт“ одговори на тврдењата дека неговата компанија ја истуркува конкуренцијата на нефер начин.