Колумбиската влада депортира 59 државјани на Венецуела

32

Владата на Колумбија објави дека ќе депортира 59 венецуелски државјани кои учествувале во, како што се наведува, „акти на вандализам“ за време на недамнешните антивладини протести во оваа јужноамериканска земја.

Директорот на агенцијата за имиграција, Кристијан Кругер, изјави дека венецуелските државјани биле уапсени минатата недела за протестите и дека ќе бидат депортирани во текот на денот.

Повеќе од 250.000 луѓе учествуваа на демонстрациите против владата на конзервативниот претседател Иван Дуке во четвртокот. Потоа, три дена по ред се случуваа помали протести, потсетува АП.

За време на протестите беа забележани случаи со грабежи, при што беа уапсени над 300 лица, а во петокот беше прогласен полициски час во Богота.

Колумбискиот претседател Дуке во неделата рече дека е отворен за националниот дијалог, по повод решавање на прашања како што се корупцијата и нееднаквоста.