Кои се последиците од влошувањето на односите меѓу САД и Турција

633

Вашингтон ја стави Анкара пред сериозна дилема за обновувањето на воената авијација, во која во моментов доминира ловецот „ф-16“. Сѐ поголемиот јаз помеѓу Турција и САД се случува во особено лош момент, поради растечките тензии во источниот дел на Медитеранот околу правата за експлоатација на тамошните енергетски резерви. Тоа што останува нејасно е дали Турција ќе продолжи да соработува со своите западни партнери или, пак, ќе тргне по независен курс, оценува „Стратфор“

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја отстрани Турција од програмата за производство на воениот авион „ф-35“ откако Анкара продолжи со набавката на рускиот противвоздушен систем „с-400“. Ваквиот потег на Вашингтон ја стави Анкара пред сериозна дилема за обновувањето на воената авијација, во која во моментов доминира ловецот „ф-16“. Сѐ поголемиот јаз помеѓу Турција и САД се случува во особено лош момент, поради растечките тензии во источниот дел на Медитеранот околу правата за експлоатација на тамошните енергетски резерви. Тоа што останува нејасно е дали Турција ќе продолжи да соработува со своите западни партнери или, пак, ќе тргне по независен курс, оценува „Стратфор“.

Вашингтон кон средината на јули соопшти дека Турција е исклучена од програмата за развој на „ф-35“, откако земјата ја доби првата пратка на рускиот „с-400“. Поради американската одлука, Турција нема да добие ниту еден од над стоте авиони, што планираше да ги купи. Покрај тоа, турските компании исто така се исклучени од производствениот синџир на „ф-35“. Анкара исто така ќе остане и пократка за база за одржување, каде што беше планирано да биде вршен ремонт на авионите „ф-35“ што ги поседуваат блискоисточните земји. Се проценува дека потегот на администрацијата на Трамп ќе ги чини САД околу 500 милиони долари. Кога станува збор за Турција, таа веќе плати над една милијарда долари за набавката на авионите, пари што малку е веројатно дека ќе ги добие назад.

Со купувањето на „с-400“, според американски „Стратфор“, Турција не само што го нарушува синџирот на снабдување и производство на „ф-35“ туку исто така ја загуби, барем засега, шансата да го добие модерниот ловец од петтата генерација по поволни услови – приходите од сервисирањето на „ф-35“ од другите земји ќе ја намалеа цената за турското купување на овие авиони. Гледано во пошироки рамки, Турција избра да купи тактичко оружје, што обезбедува сигурност во ограничени услови, наместо да го купи „ф-35“, кој, пак, ќе ѝ обезбедеше регионална доминација на турската авијација. Останува нејасно со кој борбен авион Анкара планира да ја обнови застарената флота, каде што доминира ловецот „ф-16“.

И покрај тоа што почна испораката на „с-400“ за Турција, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека целата испорака на делови и проектили нема да биде завршена пред април 2020 година. Американскиот Конгрес сигнализира дека Турција ќе се соочи со значителни санкции доколку го распореди модерниот руски систем. Затоа, според „Стратфор“, се поставува прашањето што ќе се случи доколку Анкара го одложи пуштањето во употреба на системот или, пак, ѝ го продаде на друга земја. Можно е токму тоа да е причината зошто Трамп побара простор за преговори со Турција пред воведувањето санкции.

Гледано од перспектива на САД, постои голема желба да се избегне нарушување на циклусот на производство и снабдување на „ф-35“, што сигурно би се случило доколку Турција и дефинитивно е исклучена од програмата. Истовремено, Вашингтон е загрижен и за следните чекори на Анкара – Ердоган јасно стави до знаење дека доколку САД преземат таков чекор, Турција ќе одговори соодветно, почнувајќи со најверојатното протерување на американските војници од базата Инџирлик, што, пак, сигурно ќе ги наруши американските воени операции во регионот. Со набавката на „с-400“, Турција исто така ја загуби шансата за обновување на застарената авијација со модерниот ловец од петта генерација.

Но, и за турската страна штетата би можела да биде многу голема – со исклучувањето од циклусот на производство, турските компании ќе загубат приходи во висина од околу десет милијарди долари, што ќе биде катастрофално за повеќето фирми. Покрај тоа, турската војска би можела да се соочи со ембарго за оружје, слично на она од средината на 1970-тите, кога Конгресот забрани продажба на американско оружје за Турција по инвазијата на Кипар. Тоа значително би ја намалило подготвеноста на турската војска ако не може да набави американски делови и софтвер за постојниот воен арсенал.

Не треба да се заборави дека целата мешаница се случува во доста проблематичен момент. Турската одлука за почеток на истражување на енергетски избори во близината на брегот на Кипар ја натера Европската Унија да воведе санкции против Анкара, бидејќи ЕУ смета дека меѓународно признаената влада на грчкиот дел од островот, кој е дел од Унијата, има ексклузивни права на водите во источен Медитеран. Од друга страна, Анкара ја признава администрацијата на кипарските Турци во северниот дел на Кипар и тврди дека сите енергетски наоѓалишта што ќе бидат откриени во ексклузивната економска зона на земјата им припаѓаат на сите жители на Кипар.

Дури и во случај Трамп да се воздржи од воведување санкции на среден рок, таквото одложување нема да продолжи. Независно од Турција, земји како Кина и Египет исто така се заинтересирани за купувањето на „с-400“. Доколку тие не бидат обесхрабрени од предупредувачкиот случај со Турција, тоа може да ги отвори портите и да им дозволи на сојузниците да купуваат оружје што не е произведено од САД. Американскиот Конгрес сигурно нема ниту да го толерира ниту да го прифати тоа.


Исклучување на Анкара од клучните програми на НАТО

Останува нејасно каков ќе биде ставот на САД при евентуален конфликт помеѓу Турција и некоја европска сила. Во изминатите години, Вашингтон посредуваше и ги деескалира проблематичните прашања, но американската политика на чело со Трамп резултира со намалување на регионалните ангажмани. Како што се продлабочува билатералната криза помеѓу САД и Турција, повеќе од јасно е дека Анкара нема да им верува на САД за да посредуваат доколку се појави неочекуван конфликт. Сепак, сигурно нема да дојде до протерување на Турција од НАТО. Најверојатен исход е исклучување на Турција од клучните програми на НАТО, како и од мисиите и разузнавачките платформи, бидејќи распоредувањето на системот „с-400“ претставува директна закана за операционалната безбедност на Алијансата.


Рускиот „су-35“ наместо американскиот невидлив ловец?

Турските власти го разгледуваат предлогот на Москва за продажба на воени авиони откако сѐ поизвесно е дефинитивното исклучување на Анкара од програмата за производство и развој на модерниот ловец од петтата генерација „ф-35“. Доколку рускиот предлог добие зелено светло, Анкара ќе преговара со рускиот извозник на оружје „Рособоронекспрот“.
Во турските и руските медиуми, но и во аналитичките кругови, изминатите месеци се споменуваше и можноста за купување на рускиот „су-57“, кој е авион од петтата генерација, за разлика од „су-35“, кој е ловец од четвртата генерација. Ловецот „су-35“ ја покажа својата голема ефикасност токму во сирискиот конфликт, а покрај тоа, авионот веќе го купи и кинеската војска, а на добар пат да го стори тоа е и Индонезија.