Кои се клучните геополитички настани за годинава

65

Предизвиците за масовно вакцинирање, новата администрација во САД, климатските промени, смирувањето на тензиите меѓу САД и Кина, но и санирањето на економските штети од пандемијата се главните геополитички фактори што ќе го обликуваат светот во наредните месеци од годинава

Предизвиците за масовно вакцинирање, новата администрација во Белата куќа, смирувањето на тензиите меѓу САД и Кина, климатските промени, враќањето на владеењето на правото во Европа, но и санирањето на економските штети од пандемијата се само дел од главните геополитички фактори што би можеле да го обликуваат светот во наредните месеци. Ова, меѓу другото, го наведува Европскиот совет за надворешни работи во своја анализа каде што истовремено потсетува дека токму мноштвото пресвртници од 2020 година ги усложнија предвидувањата на глобално ниво за оваа година. Имено, со надеж дека нема да има толку бурни настани како во претходната, Советот на надворешни работи на ЕУ оценува дека месеците што следуваат ќе бидат тешки за прогноза во кој правец и како ќе се одвиваат работите на глобално поле, но сепак според досегашните тврдења на експертите, светот полека ќе почне да се стабилизира. Во прилог се неколку познати геополитички настани што треба внимателно да ги следат во 2021 година.

Бајден со тешкотии за партиското помирување во САД

Имено, глобалните познавачи на случувањата Марк Ленард и Џереми Шапиро за „Европскиот совет за надворешни односи“ предвидуваат дека на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден многу тешко ќе му оди со партиското и националното помирување во САД. Како нивен аргумент во таквите размислувања аналитичарите го сметаат тоа што демократите и републиканците и понатаму ќе продолжат да се соочуваат со многуте предизвици со кои Америка се судира, особено со расната еднаквост и економијата. Иако сегашните напори на новата администрација во Вашингтон според експертите се за поздрав, сепак не треба да се заборави дека Мич Меконел, лидерот на мнозинството во Сенатот, и демонстрантите што го нападнаа Конгресот говорат за една поинаква иднина што е различна од онаа што сегашниот претседател Бајден ја проповеда.

ЕУ построго ќе го спроведува владеењето на правото

Во меѓувреме, интересно е дека ќе продолжи и понатаму да се следи како доминантен настан во годинава и проблемот со владеењето на правото во ЕУ. Долгата и мачна борба меѓу Брисел од една страна и Полска и Унгарија од друга страна за демократијата и владеењето на правото ќе се интензивира оваа година. Со новите овластувања во новодонесениот буџет на ЕУ и новиот американски претседател без автократски карактеристики, блокот ќе постигне напредок во воведувањето санкции и добивањето отстапки. Ова нема целосно да ја врати демократијата во Полска и во Унгарија, но ќе повлече линија и ќе постави пример за другите можни назадувања во рамките на ЕУ, оценуваат експертите.

Останува отворено прашањето за иранската нуклеарна програма

Исто така годинава, европските политичари ќе гледаат шанса да ги вратат САД и Иран во иранскиот нуклеарен договор склучен во 2015 година, откако претходниот американски претседател Доналд Трамп одеднаш од него ја повлече својата држава во 2018 година. За жал, домашните политики во Иран и во САД дополнително ќе ги усложнат напорите следните месеци и нема да има брзо враќање во златното време од 2015 година. Сепак, преговорите за нуклеарно неширење со Иран се задолжителна точка во дипломатската програма на глобално ниво, па, така, експертите предвидуваат дека напорите ќе продолжат и во иднина.

Кина ќе им се додворува на САД и на Европа

Во меѓувреме, интересно е дека во изминативе неколку години Кина стана доволно моќна за да стане и лидер на меѓународната сцена и гласно да говори кон државите како Шведска и Австралија поради покажаните слабости. Токму затоа оваа година се очекува Кина да ја сфати пораката од светот што ѝ се противи и да се врати на својата нормална и неискрена дипломатија во која се обраќа со смирен тон, ветува многу, а малку остварува. Акцентот, според експертите, ќе биде ставен на климатските промени за кои Кина ќе ги воспева своите напори за спас на планетата на меѓународните форуми.

Економско закрепнување и предизвици со вакцинацијата

Како што минуваат месеците од новата година, бројот на загинати во светот се приближува до два милиона и секое економско закрепнување „веројатно ќе биде долго, нееднакво и многу неизвесно“, експертите и лекарите се прашуваат дали животот некогаш ќе се врати во нормала по пандемијата. Добрата вест е дека ефикасни вакцини се одобрени за употреба, а други чекаат одобрување. Но дистрибуцијата на вакцините ќе трае многу месеци и ќе донесе големи логистички предизвици. Исто така со помош на огромните стимулативни пакети за економска помош и потиснатата побарувачка, годинава се очекува дека Европа и Северна Америка ќе забележат силен раст кога постепено ќе излезат од долгиот кошмар на коронавирусот. Она што е интересно е дека според предвидувањата на експертите, во наредните месеци статистички се очекува да следува импресивна година токму поради економскиот скок.


Трамп ќе биде првиот поранешен претседател што ќе се соочи со отповикување во Сенатот по истекот на неговиот мандат, а истовремено ќе биде и единствениот американски претседател што двапати се соочил со ваква мерка.
Сослушувањата на рочиштето во Сенатот ќе почнат на 8 февруари. Лидерите во двете партии прифатија да има кратко одложување, за да им се даде време да се подготват тимот на Трамп и обвинителите од Претставничкиот дом додека Сенатот да ги потврди некои од предложените функционери во владата на Бајден.
На митингот од 6 јануари, Трамп охрабри една група свои поддржувачи да се упатат кон Конгресот, каде што функционерите се подготвуваа да ги потврдат изборните резултати, порачувајќи им дека „никогаш нема да си ја вратат државата со покажување слабост“. Петмина, вклучувајќи и еден полицаец, загинаа во немирите што избија откако приврзаниците на Трамп ги пробија полициските барикади, упаднаа во Конгресот, ги демолираа конгресните кабинети и салите за состаноци.
Ако Сенатот изгласа дека Трамп е виновен, тогаш ќе се одржи второ гласање, со кое ќе му се забрани понатамошна кандидатура за функција во администрацијата.