Кина ја испраќа воената морнарица во Персискиот Залив?

770

Ако продолжи ескалацијата на тензиите во Персискиот Залив, Пекинг нема да има голем избор на располагање, освен да ѝ се приклучи на американската операција, доколку Вашингтон се согласи, или, пак, да почне своја мисија за придружба, во координација со другите надворешни играчи, па дури и со Техеран, оценува „Стратфор“

Кина долго време сака да го зголеми своето поморско присуство и има големи стратегиски интереси во енергетските пратки што поминуваат низ Персискиот Залив. Затоа, повикот на САД до другите земји да му се приклучат во поморската мисија за заштита на трговските бродови, претставува одлична можност Кина да ги стори и двете работи, но, Вашингтон може да го одбие кинеското учество, а и самиот Пекинг има свои сомнежи. Сепак, доколку продолжи ескалацијата на тензиите во Персискиот Залив, Пекинг ќе остане без многу избор, па затоа ќе мора да има безбедносно присуство на Блискиот Исток, оценува американски „Стратфор“.

Кина е најновата земја што изрази интерес да стане дел од американскиот безбедносен план за Персискиот Залив. Па, така, Ни Јиан, кинескиот амбасадор во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), минатата седмица изјави дека Пекинг ја разгледува опцијата да испрати воена морнарица, како придружба на кинеските трговски бродови во регионот. Ни, исто така, порача дека Кина го разгледува предлогот на САД за заштита на бродскиот транспорт во заливот. Сепак, кинескиот дипломат додаде дека Кина ќе се одлучи на таков потег само доколку ситуацијата во Персискиот Залив стане многу небезбедна. Според „Стратфор“, доколку Пекинг сепак ја избере таквата опција, тоа ќе биде голем чекор за кинеското воено и поморско присуство во регионот.

Не треба да се заборави дека Кина веќе долг период внимателно го прошируваше своето воено присуство во странство, истовремено зајакнувајќи ги своите поморски капацитети и објекти. Меѓу поважните чекори е приклучувањето на мултилатералните поморски патроли во Аденскиот Залив, а неодамна ја отвори својата прва воена база во странство, лоцирана во Џибути. Сега, властите во Пекинг ги разгледуваат опциите за придружба и заштита на трговските бродови во Персискиот Залив – одлука што сигурно ќе го прошири кинеското воено присуство во нов регион, што е од круцијално значење за енергетските интереси на азиската земја.

Засилувањето на поморското присуство веќе подолг период е меѓу главните приоритети на Кина, а нејзината силна воена морнарица добро ќе се втопи во планот на САД за осигурување безбеден премин за трговските бродови низ Персискиот Залив. Покрај тоа што има голема флота, Кина во изминатата деценија исто така доби значајно искуство во заштитата на трговскиот морски сообраќај, испраќајќи над 30 мисии во Аденскиот Залив, чија цел беше одбрана од сомалиските пирати. Кинеското вклучување значително ќе ја прошири мисијата, предводена од САД, кои досега може да сметаат само на Британија како официјален партнер. Таквиот чекор исто така ќе го задоволи често споменуваниот политички приоритет на Вашингтон за поголемо ангажирање на другите земји во осигурувањето на глобалната безбедност. Но останува нејасно дали САД навистина побараа, или воопшто размислуваат да побараат, од Пекинг да стане дел од мисијата. Кина ниту им е сојузник, ниту, пак, партнер на САД. Наместо тоа, администрацијата во Вашингтон ја смета Кина, особено нејзината морнарица, за најсилен потенцијален противник во натпреварот помеѓу големите сили.

Првичниот американски ентузијазам за кинеските мисии за придружба во Аденскиот Залив, како што оценува „Стратфор“, се претвори во загриженост за големото искуство што кинеската морнарица го доби со мисиите на голема оддалеченост од Кина. САД исто така беа алармирани од начинот на кој Пекинг ги искористи своите операции во Аденскиот Залив за да го оправда воспоставувањето на својата прва база во странство, и тоа во Џибути, на стратегиски важниот Рог на Африка. Вашингтон можеби слично стравува дека Кина би го искористила учеството во американската операција за да го оправда зголемувањето на своето присуство во регионот на Персискиот Залив, што не исклучува и основање поморски бази.

Од кинеска перспектива, пак, можното учество во коалициската мисија, предводена од САД, ќе претставува евтин начин за проширување на странските операции на својата морнарица и за обезбедување првичен пристап до регионот што е под доминација на американската безбедносна архитектура. Тоа исто така е идеално средство со кое ќе се стишат старите обвинувања од Вашингтон, кој тврди дека Пекинг ги ужива благодатите од американскиот безбедносен чадор без притоа да преземе дел од товарот и одговорноста. Покрај тоа, Кина има критични економски интереси, кои би ги заштитила со учеството во мултилатералната поморска коалиција. Околу 43 отсто од вкупниот увоз на нафта во Кина поминува низ Персискиот Залив, поради што за Пекинг главен приоритет е да ги одржи отворени виталните поморски маршрути, нешто што кинеските власти се обидоа да го постигнат преку учеството во иранскиот нуклеарен договор.

И покрај сите овие силни причини, Пекинг има свои калкулации што би го спречиле од вмешување во американската операција. Првиот момент е големата недоверба што во моментов постои помеѓу САД и Кина, ако се земе предвид нивната трговска војна и ескалирачкото стратегиски ривалство. Вториот момент е тоа што Кина стравува од вклучување во операција што би можела да резултира со воен конфликт со Иран, кој е еден од нејзините најголеми снабдувачи со нафта.

Поради наведените причини, Кина многу повеќе би претпочитала да се вклучи во регионална операција за придружба на трговските бродови што не би била предводена од САД. За таа цел, Пекинг неодамна го поддржа рускиот предлог за договор за колективна безбедност во Персискиот Залив, иако недостигот од поголема европска поддршка за планот на Москва значи дека мали се изгледите за негова реализација.

Но ако продолжи ескалацијата на тензиите во Персискиот Залив, Пекинг нема да има голем избор на располагање, освен да ѝ се приклучи на американската операција, доколку Вашингтон се согласи, или, пак, да почне своја мисија за придружба, во координација со другите надворешни играчи, па дури и со Техеран. Поради сѐ поголемите економски интереси на Кина и нејзината желба за остварување на овие интереси, користа од поголем безбедносен ангажман на немирниот Блиски Исток ќе биде поголема од ризиците што ќе се појават од таквиот чекор, заклучува „Стратфор“.