Ким Јонг-ун се крие од коронавирусот?

125

Ким Јонг-ун не е болен и можеби само се изолира од пандемијата на коронавирусот, сметаат некои јужнокорејски и американски официјални претставници во најновите обиди да се објасни отсуството на севернокорејскиот лидер од јавниот живот.

Северна Кореја инсистира на тоа дека во земјата не се потврдени случаи на коронавирус, и покрај тоа што граничи со Кина, која пак беше извор на епидемијата.

И покрај неодамнешните извештаи, во кои се тврди дека Ким пропуштил да ја прослави годишнината од раѓањето на дедото Ким Ил-сунг затоа што бил на операција на срцето, јужнокорејскиот министер за обединување, Ким Џеон-чул, вели дека е разумно да се претпостави оти севернокорејскиот лидер одлучил да не присуствува на настанот заради претпазливост.

– Имаме разузнавачки капацитети кои ни овозможуваат со сигурност да кажеме дека нема невообичаени знаци, во Северна Кореја. Тој не пропуштил ниту една годишнина од кога ја презеде власта, но многу настани, вклучувајќи прослави и банкети, се откажани поради загриженоста од ширење на коронавирусот. Мислам дека целата ситуација не е особено необична со оглед на моменталната состојба – рече јужнокорејскиот министер, опишувајќи ги извештаите за операција на срцето како лажни вести.

Американските претставници за агенцијата „Ројтерс“ изјавија дека се верува оти Ким Јонг-ун со својот приватен воз заминал во летувалиште на источното крајбрежје, во Вонсан, за да се заштити од вирусот.

Севернокорејскиот лидер последен пат во јавноста беше виден на 11 април кога претседаваше со состанокот на партискиот комитет.  Државните медиуми оттогаш не објавија фотографии од Ким Јонг-ун, но известуваат за неговите дневни обврски и задолженија.