Ким Јонг-ун го прошири нуклеарниот арсенал под закрилата на мирот

70
Досегашните три состаноци помеѓу Трамп и Ким Јонг-ун не донесоа значителен напредок, а севернокорејските ракетни тестирања продолжија

Ким Јонг-ун е зафатен со проширување на нуклеарниот арсенал, правејќи го посмртоносен и способен да ги погоди Јужна Кореја, Јапонија, како и американските сили стационирани во Азија, но и на територијата на САД. Ова се случува додека преговорите за елиминирање на нуклеарното вооружување на Северна Кореја се во застој, по серијата средби помеѓу севернокорејскиот лидер и американскиот претседател Доналд Трамп, тврди „Саут чајна морнинг пост“.

Ким Јонг-ун е одговорен за четири од шесте атомски тестови на Северна Кореја. Тие напредуваа по првата детонација во 2006 година чија јачина беше еден килотон. Последната во септември 2017 беше најсилна, со моќ проценета помеѓу 120 и 250 килотони (американските атомски бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки беа со јачина помеѓу 15 и 20 килотони). Експертите проценуваат дека Северна Кореја составила помеѓу 20 и 30 боеви глави, што е најмал број меѓу деветте нации што поседуваат нуклеарно оружје.

Ким Јонг-ун веќе ги претстави новите балистички ракети на цврсто гориво кои полесно се движат, со што се полесни и за сокривање и за истрелување, во однос на оние на течно гориво. Тој истрела дваесеттина хиперсонични кн-23 ракети уште од мај. Се проценува дека тие би можеле да стигнат до Јужна Кореја за две минути.

Програмата за нуклеарно вооружување на Северна Кореја е самоодржлива со децении, зависејќи воглавно од збогатувањето на ураниум. Администрацијата на Трамп тврди дека нуклеарниот арсенал на Северна Кореја се зголемил откако почнаа мировните преговори.

Се стравува и дека азиската држава работи на технологија за унапредување на вооружувањето, со цел да го оспособи за пренос на повеќе боеви глави, или за контрамерки во однос на одбраната на непријателите.

Досегашните три состаноци помеѓу Трамп и Ким Јонг-ун не донесоа значителен напредок, иако американскиот претседател тврдеше дека спречил војна, а севернокорејските ракетни тестирања продолжија, заклучува кинескиот весник.