Ким го излажа Доналд Трамп?

108

Во најновиот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се наведува дека се регистрирани активности за збогатување ураниум, како и градежни работи на главниот полигон за нуклеарни тестови во Северна Кореја. Според МААЕ, нема никакви показатели дека Пјонгјанг ја запрел домашната нуклеарна програма

Северна Кореја продолжува со развојот на својата нуклеарна програма, доведувајќи ја во прашање посветеноста на земјата на денуклеаризацијата. Во најновиот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се наведува дека се регистрирани активности за збогатување ураниум, како и градежни работи на главниот полигон за нуклеарни тестови во Северна Кореја. Според МААЕ, нема никакви показатели дека Пјонгјанг ја запрел домашната нуклеарна програма. Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека верува оти Северна Кореја презела одредени чекори кон денуклеаризацијата и дека најверојатно повторно ќе се сретне со севернокорејскиот колега Ким Јонг-ун.

– Продолжувањето и понатамошниот развој на нуклеарната програма на Северна Кореја, како и изјавите на Пјонгјанг, се причина за голема загриженост – се предупредува во најновиот извештај на МААЕ, посветен на севернокорејската нуклеарна програма, која требаше да биде запрена по историскиот самит на Трамп и на Ким во Сингапур, кога двајцата лидери се согласија да работат на целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

Сепак, како што наведува „Гардијан“, експертите предупредуваат дека без формален договор помеѓу САД и Северна Кореја, Ким ќе продолжи со развојот на нуклеарната и ракетна програма. Дујон Ким, експерт од Центарот за нова американска безбедност, истакнува дека сингапурскиот самит не е договор за нуклеарната програма, и оти не постои договор помеѓу Вашингтон и Пјонгјанг, кој би ја охрабрил Северна Кореја да го смени однесувањето.

– Преговорите со Северна Кореја секогаш ќе бидат долг, несигурен и променлив процес, а тие се итри преговарачи. Тие сакаат да го задржат нивното нуклеарно оружје додека е можно, истовремено по пат изнудувајќи што е можно повеќе отстапки – оценува Ким.

Јужнокорејскиот весник „Кореа тајмс“ пишува дека сѐ погласни се шпекулациите оти шефот на американската дипломатија Мајк Помпео се подготвува за четврта посета на Пјонгјанг и нови преговори за нуклеарната програма на азиската земја. Како резултат на оваа посета, според весникот, Северна Кореја може да им предаде на САД листа со нуклеарниот арсенал и капацитетите за производство.

– Северна Кореја планира на Мајк Помпео да му предаде листа со нејзините тајни полигони за нуклеарни тестови, како и информација за нејзините нуклеарни боеви глави. Ким најверојатно лично ќе се сретне со Помпео, кога ќе го посети Пјонгјанг месецов – додава „Кореа тајмс“.

Американските преговарачи одамна бараат креирање детална листа за нуклеарната програма и локациите, што би претставувала голема отстапка од Северна Кореја. За возврат, Пјонгјанг бара формално ставање крај на Корејската војна од почетокот на 1950-тите, која заврши со примирје, наместо со мировен договор. Сепак, без инспектори на теренот не може да биде потврдена веродостојноста на листата и сите локации наведени во неа.