Киев: Задржаните украински морнари во Русија се воени заробеници

149

Украинските морнари, кои Русија ги задржа при вчерашниот инцидент во близината на Крим, треба да бидат третирани како воени зараобеници, изјави денеска украинскиот министер за надворешнi работи Павло Климкин.

Тој нагласи дека украинската Влада разговара со Црвениот крст „за да се увери дека морнарите се третирани како воени заробеници“.

Претходно денеска портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков одби да соопшти дали Кремљ ги смета задржаните украински морнари за воени заробеници.

Инцидентот се случи вчера кога руската армија отвори оган врз три украински воени брода, кои се обиделе да минат низ Керченскиот Проток. По вооружениот инцидент, руските сили ги задржаа украинските бродови заедно со членовите на нивните екипажи.

Руската омбудсманка Татјана Москалкова денеска соопшти дека во Русија се наоѓаат 24 украински морнари, од кои тројца се ранети и се сместени во болница, но се надвор од животна опасност.

Украина од своја страна пак тврди дека при инцидентот се ранети шестмина украински морнари.

Климкин оцени и дека вчерашната постапка на Русија е во спротивност со меѓународното право и со конвенциите на ОН за поморско право и истакна дека руската акција „ќе биде осудена“ од Советот за безбедност на Светската организација.

Москва меѓутоа смета дека нејзините сили дејствуваше во согласност со меѓународното право и домашното законодавство.

– Се работи за инвазија на странски воени бродови во територијалните води на Руската Федерација. Тие странски воени бродови влегоа во руски територијални води без да одговорат на барањата на нашите граничари и воопшто не реагираа на никакви повици – истакна Песков.

Шефот на украинската дипломатија најави и дека Киев планира да ги преиспита договорите со Русија, истакнувајќи дека тие „треба да се преразгледаат од основа, заедно со сеопфатниот Договор за пријателство и соработка.

Русија и Украина имаат потпишано 375 договори за регулирање на односите и соработка. По, руската анексија на Крим и почетокот на конфликтот во источна Украина, примената на дел од овие договори беше стопирана.

Поради, вчерашниот инцидент украинскиот претседател Петро Порошенко денеска потпиша указ за воведување воена состојба во Украина до 25 јануари 2019 година, кој треба да го потврдат и пратениците во Врховната Рада.

Меѓутоа, според Москва, ваквата постапка на Порошнеко е поврзана со претстојните претседателски избори во Украина.