Кери Лам се надева на мирна разврска на опсадата

34

Премиерката на Хонгконг, Кери Лам, денеска порача дека се надева оти судирот меѓу полицијата и демонстрантите кои се забарикадирани на кампусот на Политехничкиот универзитет, може да се реши мирно, и им порача на полицајците да постапуваат хумано.

Најмалку 100 демонстранти останаа на Политехничкиот универзитет кој е под опсада на полицијата, додека 600 го напуштија, по дводневните судири во кои беа повредени најмалку 200 лица.

Лам се обрати на прес-конференција набргу откако новиот шеф на полицијата во Хонгконг ги повика граѓаните на полуавтономната кинеска територија да им дадат поддршка, по петмесечен конфликт и протести.

Лам рече дека власите во Хонгконг реагирале само на насилството на протестите, но не ја исклучува можноста за повеќе инциденти, иако повика на мир.

– Ако демонстрантите се однесуваат мирно, тогаш нема да има насилство – рече Лам, додавајќи дека полицијата ќе мора да преземе некои активности доколку учесниците во протестите прават проблеми.

Лам исто така рече дека е шокирана што кампусот на универзитетот се претворил во фабрика за оружје.

Таа додаде дека 600 демонстранти досега го напуштиле кампусот, меѓу кои и 200 лица кои се на возраст под 18 години. Истакна дека малолетните лица нема да бидат уапсени, но дека е можно подоцна да бидат обвинети.

Во моментов, уапсени се околу 400 лица.