Кери Лам се кае, но можеби е предоцна

83

Лидерката Кери Лам покажа извесно каење за случувањата во Хонгконг, што може да се заклучи според преписот од нејзиното обраќање дадено за време на упадот на демонстрантите во парламентот, но можеби веќе е предоцна. Магазинот „Форин полиси“ го пренесува обраќањето на Лам, кое се совпадна и со 22-годишнината од враќањето на Хонгконг под кинеска власт.

Почитувани гости, сограѓани,

Денес е одбележувањето на 22-годишнината од основањето на Специјалниот административен регион (САР) на Народна Република Кина. Секоја година, на 1 јули ни се дава шанса да погледнеме назад кон минатото и да погледнеме напред кон иднината на САР.

Пред две години, свечено ветив дека, како одговор на новите околности и конфликти во општеството, ќе сторам се што е во моја способност за да ја идентификувам суштината на проблемите, да ја намалам напнатоста во заедницата и да го овозможам патот напред за Хонгконг. За таа цел, власта на САР настојуваше да го исполни ова ветување со имплементирање на бројни политики и иницијативи.

Но, инцидентите што се случија во последниве неколку месеци, по предлогот на контроверзниот закон за екстрадиција во Кина, предизвикаа раздор помеѓу народот и власта. Сето ова ме натера да сфатам дека, и покрај тоа што владата треба да овозможува административна ефикасност, сепак, треба постојано да го слуша народот и да биде способна да се прилагодува на барањата. А тоа ќе почне лично од мене. Затоа, јас ќе се потрудам да:

– да бидам достапна за повеќе средби со претставници на политичките партии, како и луѓе со различни животни позадини, со цел подобро да ја разберам заедницата

– ќе се потрудам да го чујам гласот на младината и нивните идеи

– ќе се потрудам да ги вклучам анализите и мислењата на граѓаните во врска со целосната работа на власта

– ќе се потрудам, заедно со мојот тим, да ја зацврстам комуникацијата помеѓу извршната и законодавната власт 

– ќе се потрудам сите одлуки што ги носи власта да бидат во координација со граѓаните и секоја одлука да носи корист за јавноста

Знам дека владата има многу работи што треба да ги подобри. Ќе продолжиме да ги слушаме ставовите на заедницата и постојано да напредуваме во нашата работа, беа завршните зборови на Лам.

Лидерката на Хонгконг е позната по цврстиот начин на владеење и лојалноста кон кинескиот претседател Си Џинпинг, од кого ја усвои политиката за „нулта толеранција за независност“. Поранешната британска колонија од 1997 година стана „специјален административен регион“ каде што граѓанските слободи се заштитени со спогодбата „една држава, два системи“.

Но во февруари, Лам, направи погрешна пресметка, кога предложи амандман што ќе овозможи екстрадиција на Кина, на секој што поминува низ територијата на Хонгконг, доколку е баран за одредени прекршоци. Ваквата мерка веднаш предизвика критики од сите слоеви на општеството, вклучувајќи ги активистите за независност и бизнис-заедницата.

Големите протести ја принудија Лам да го одложи контроверзниот закон на неодредено време. Но, околу два милиони луѓе (од вкупно 7,4 милиони во Хонгконг) повторно излегоа на улиците за да бараат отфрлање на амандманите и нејзина оставка.

Се чини дека лидерката на Хонгконг немаше претстава дека нејзиниот цврст начин на владеење создал толку големо незадоволство – особено меѓу младината. Таа го протолкува нејзиниот пораз како изолирана грешка која настанала од лошата комуникација со народот, по што упати јавно извинување. Но, веројатно се наоѓа во безизлезна политичка ситуација.