„Кембриџ аналитика“ пред затворање

89

Компанијата што се најде во фокусот на јавноста по откривањето на скандалот со Фејсбук, се товари за поткопување на функционирањето и отвореноста на демократијата

Компанијата „Кембриџ аналитика“, која се најде во фокусот на јавноста по откривањето на скандалот со Фејсбук, соопшти дека наскоро ќе престане да работи. Компанијата е обвинета за несовесно користење на податоците од над 50 милиони корисници на Фејсбук, и тоа во корист на политички клиенти. „Кембриџ аналитика“ влијаела врз политичките кампањи во повеќе земји, како и врз изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, пренесуваат светските медиуми.
– Изминатите месеци „Кембриџ аналитика“ беше предмет на голем број неосновани обвиненија, и покрај напорите на компанијата да го поправи тоа, таа беше обвинета за активности, кои не само што не се нелегални, туку и широко прифатени како стандардна компонента за интернет-огласувањето и во политичката и во комерцијалната сфера – изјави Кларенс Мичел, портпаролот на компанијата.
Тој додава дека медиумското известување за скандалот придонело до тоа компанијата да ги загуби клиентите и доставувачите.
– Како резултат на тоа, одлучено е дека не постојат услови да се продолжи со работа – истакнува Мичел.

Компанијата, како што наведува „Гардијан“, се товари и за поткопување на функционирањето и отвореноста на демократијата. На својата веб-страница, компанијата објаснува дека може да анализира големо количество податоци за потрошувачите и тоа да го споредат со нивното однесување, и на тој начин да дојдат до луѓе што се подложни на влијание, на пример за кого да гласаат или да излезат на изборите.
„Кембриџ аналитика“ е формирана во 2013 година, како дел од компанијата „СЦЛ груп“, која нуди слични услуги низ светот. Во интервју за сајтот „Контејџис“, Александар Никс, основачот на „Кембриџ аналитика“, изјави дека компанијата е основана за да се занимава со „вакуумот на републиканскиот политички пазар во САД“, кој станал очигледен кога Мит Ромни беше поразен на претседателските избори во 2012 година.

– Го искористивме Фејсбук за да собереме милиони профили и изградивме модели со кои ќе го тестираме тоа што го знаеме за нив и ќе целиме на нивните внатрешни демони. Тоа е темел на кој е изградена целата компанија – изјави Кристофер Вајли, поранешен аналитичар од „Кембриџ аналитика“, кој помогна во разоткривањето на целиот скандал.
„Фејсбук“ дури кон крајот на 2015 година дознал за собирањето податоци, но не ги известил корисниците, туку само побарал отстранување на спорната апликација и уништување на собраните податоци.