Каталонија останува трн во шпанската политика

129

Судските пресуди за каталонските сепаратисти повторно ја разгоруваат политичката криза во Шпанија, која се подготвува за нови општи избори, пишува „Вашингтон пост“. Девет каталонски сепаратисти беа осудени од Врховниот суд на Шпанија на казна затвор од девет до 13 години поради нивната улога во неуспешното прогласување независност во 2017 година.

Сепаратистичкото движење има влијание во цела Шпанија преку присуството во шпанскиот парламент. Партијата на Ориол Жункерас освои 15 места во парламентот на изборите во април, а сепаратистичките партии можат да играат значајна улога во политичкото пазарење по претстојните избори на 10 ноември. Во меѓувреме, шпанскиот в.д. премиер Педро Санчез апелираше до гласачите да го поддржат за да зависи од сепаратистите при формирањето на влада. Тој безуспешно се обидува да оформи влада откако неговите социјалисти освоија најмногу места во парламентот, но не и потребното мнозинство.

Сепаратистите, пак, сметаат дека затворските казни за нивните лидери претставуваат „смрт на демократијата“ и повикаа на протести во Барселона и низ Каталонија. Каталонската влада преку соопштение порача дека пресудите се историска грешка и ја повика меѓународната заедница да помогне во решавањето на конфликтот со Шпанија.

Спорот за Каталонија ја измачува Шпанија повеќе од три века, па наивно е да се очеуваат лесни решенија. Сепаратистите сакаат независна држава, која би имала економија силна како и Финска или Португалија, доколку ги оствари целите за отцепување од Шпанија. Од друга страна Шпанија е решена да го задржи регионот кој се смета за клучен за одржување на националното единство. Санчез истакна дека бара начини за проширување на каталонските овластувања без да дозволи референдум или сецесија. Тој го гледа дијалогот како чекор напред. Засега, силите што се залагаат за независност имаат тенко мнозинство во регионалниот парламент, а анкетите на каталонските власти покажуваат дека поддршката за независност е во пад.

Останува да се види како сегашната криза ќе влијае врз политичката состојба во Шпанија, односно врз престојните избори.