Карантин за 11-милионскиот Вухан

50

На само еден ден до Кинеската нова година, во седмиот град по големина во Кина е запрен сообраќајот со автобуси, а не се сообраќаат ниту возовите, метрото и бродовите. Запрени се и летовите од градскиот аеродром. Иако сѐ уште официјално не се затворени патиштата, во повеќе делови на Вухан може да се забележат блокади, а на жителите им е забрането да го напуштат градот, пренесуваат светските медиуми

Кинеските власти донесоа одлука за блокирање, односно воведување карантин за целиот град Вухан, 11-милионскиот град од каде што почна епидемијата на смртоносниот коронавирус, кој веќе однесе над 20 животи. На само еден ден до Кинеската нова година, во седмиот град по големина во Кина е запрен сообраќајот со автобуси, а не се сообраќаат ниту возовите, метрото и бродовите. Запрени се и летовите од градскиот аеродром. Иако сѐ уште официјално не се затворени патиштата, во повеќе делови на Вухан може да се забележат блокади, а на жителите им е забрането да го напуштат градот, пренесуваат светските медиуми.

Вухан, како што истакнуваат експертите, е големо место – 42-от град по големина во светот – не може лесно да се претвори во карантин. Над 20 големи патишта се слеваат во градот, а дури и со запрен јавен сообраќај, ќе биде потребно големо ангажирање на војската за да се блокира Вухан.
– Единствен начин да се затвори градот би бил кинеската војска да го огради со боцкава жица – истакнува Адам Камрад-Скот, професор за здравствена безбедност при универзитетот „Сиднеј“.

Но дури и во таков случај, тешко е да се одреди границата, бидејќи како повеќето модерни градови, Вухан се прелева во помали гратчиња и села.
– Градовите се обликувани на невообичаени начини. Не можете навистина да ги блокирате секој пад и конекција. Можеби е можно да се блокира до одреден степен, но сепак тоа не е безгрешна мерка – оценува Михаил Прокопенко, експерт за пандемија при универзитетот „Сиднеј“.
Гауден Галеа, претставник на Светската здравствена организација (ЗСО) во Кина, е уште покритичен за оваа идеја.
– Колку што ми е познато, обидите за блокирање град со 11 милиони жители е нешто сосема ново за науката. Во оваа фаза навистина не може да се оцени дали тоа ќе функционира или не – посочува Галеа.

Вирусот од Вухан првпат беше пријавен во СЗО на 31 декември минатата година. Но до 20 јануари, кинеските власти немаа потврдено дека тој може да се пренесува од човек на човек. Дотогаш, десетици илјади луѓе влегле и излегле од градот. По Кина, се регистрирани првите случаи на вирусот во повеќе земји во Азија, па дури и во САД, а во сите случаи станува збор за лица што го посетиле Вухан. Но и покрај тоа што вирусот се шири низ светот, Камрад-Скот за Би-би-си истакнува дека домашната состојба во Кина е многу позагрижувачка.
– Во сите други земји, каде што се регистрирани случаи, станува збор за еден или два случаја. Тоа е навистина многу мал број случаи. Изгледа дека тие биле навремено откриени за да се спречи понатамошно ширење на локално ниво. Затоа, најголемата загриженост се однесува внатре во Кина – додава Камрад-Скот


Кинеска кобра извор на смртоносниот вирус?

Кинеската кобра, вид змија отровница, би можела да биде оригиналниот извор на новооткриениот коронавирус, кој во Кина се појави кај оваа змија, сметаат дел од експертите.
Првите случаи на коронавирусот се забележани кај работниците или купувачите на локалниот пазар на кој, покрај живо месо, се продаваат и животни како птици, магариња, овци, свињи, камили, лисици, јазовци, стаорци, ежови и рептили. Научниците сметаат дека вирусот се проширил од животните на пазарот на човекот, а оваа теорија ја засноваат на споредбата на генетските примероци од коронавирусот со сите познати коронавируси, со помош на протеински кодови, и откриле дека протеинскиот код на најновиот вирус е најсличен на коронавирусот од кој заболуваат змиите. Змиите најчесто во дивината ловат лилјаци, а според извештаите, кинеските кобри се продавале на пазарот во Вухан. Со тоа, се зголемува можноста вирусот да се проширил од лилјаците на змиите, а потоа на луѓето, наведува Би-би-си.