Како Турција ја милитализира својата надворешна политика

183

Западните познавачи на состојбите предупредуваат дека зголеменото користење на воената моќ во остварувањето на своите цели ја втурнува Анкара во конфликти што се на раб на воен судир, еднакво со ривалите но и со традиционалните сојузници, што не е својствено за една земја што се водеше по принципот за мир во светот

Во минатото турската надворешна политика функционираше на пристапот „да нема проблеми со соседите“. Сега зголеменото користење на воената моќ во остварувањето на своите цели ја втурнува Турција во конфликти со соседните земји што се на раб на воен судир, еднакво со ривалите но и со традиционалните сојузници. Ова, меѓу другото, го наведува во своја анализа угледниот магазин „Политико“, кој во свој текст на оваа тема детално ги образложува последните реперкусии во Кавказот кога претседателот Реџеп Таип Ердоган го поддржа неговиот близок сојузник Азербејџан откако избија немирите со Ерменија, со тоа што државата ја снабди со оружје, воени обуки и покрај многуте повици на меѓународната заедница за прекин на огнот.
– Ваквиот цврст став ја покажува подготвеноста на Анкара да ја искористи воената сила за да го постигне она што не можеше со дипломатија. Само во последната година, Турција ги разгневи своите соседи, честопати им се спротивставуваше на Русија, Европа, но и НАТО и САД спроведувајќи две воени операции во Сирија – наведува магазинот.

„Политико“ пишува дека со распоредувањето турски командоси во Ирак придонесе да се смени текот на војната во Либија. Понатаму Анкара ги покажа мускулите и со испраќањето воени бродови за да бараат јаглеводороди во водите врз кои права полагаат Грција и Кипар. Алан Маковски, кој е истакнат соработник во Центарот за американски напредок и поранешен вработен во Стејт департментот, вели дека во поголем дел се работи за поинаква дипломатија, чија цел е да се добие предност со која Турција би остварила економски, дипломатски, а можеби и територијални придобивки.
– Повеќето западни сојузници не се среќни од турската агресија, но засега им оди во корист на Турците. Заканите за санкции од Европската Унија (ЕУ) поради офанзивната тактика во Либија и во Средоземно Море досега претежно беа напразни. Анкара исто така успеа да избегне санкции од САД, кои сакаа да ѝ ги наметнат поради набавката на рускиот противракетен систем, кој може да соборува авиони на НАТО. Промената во ставовите ја зајакна самодовербата на Анкара дека има премногу важна стратегиска улога без разлика дали се должи на турските бази што НАТО ги користи или заканите на Ердоган да ги „отвори вратите“ кон Европа за милиони бегалци што престојуваат на нејзина територија – вели Маковски.

Од немање проблеми до немање пријатели

Според Сенем Ајдин Дузгит, професорка по меѓународни односи на истанбулскиот универзитет „Сабанџи“, Анкара, со децении, западно ориентираниот став во голема мера се потпирал на принципот на Кемал Ататурк, основачот на современата република, за „мир дома, мир во светот“. Сепак, како што објаснува професорката по меѓународни односи, таквата политика на сегашниот претседател почна да се менува.
– Повлекувањето на САД од Блискиот Исток и недостигот од единство во ЕУ отвори простор во кој Турција може посилно да се наметне – смета Ајдин Дузгит. Понатаму „Политико“ нагласува дека Турција не е единствената држава што сака да го исполни вакуумот. Влошените односи со Египет, како и тензиите со Кипар и со Израел ја оддалечија Турција од донесувањето одлуки кога тие и другите крајбрежни држави во Медитеранот исцртаа економски зони преку демаркација на подморските полиња со гас. Ваквата нова сфера ѝ ги намали опциите на Турција поради тоа што претпочита да употреби сила наспроти компромис. Според „Политико“, сево ова претставува ризик поради што Турција во блиска иднина би можела премногу да се наметне воено и да се вовлече во непосакувани немири. Влошената економија исто така може да биде пречка, а со оглед на нејзината непопуларност во регионот, другите држави што веќе сакаат дипломатски да ја изолираат Турција, може исто така да нанесат економска штета.

Поддршката на државната политика опаѓа

Во меѓувреме иако многу од домашните критичари на Ердоган ги поддржуваат интервенциите во Сирија и се на страната на Азербејџан, сепак анкетите покажуваат дека Турците се поделени во однос на испраќањето војници во странство, но даваат поддршка кога се испраќаат во близината во Сирија, но се против нивното распоредување подалеку во Либија. Рецесијата се одрази и врз поддршката за партијата на Ердоган, но тој инсистира дека финансиските тешкотии мора да ги издржи турскиот народ додека државата „сама се бори со предизвиците“ што упатува на тоа дека економијата на државата е цел на друга форма на војување од страна на нејзините противници.


Резолуција во американскиот Конгрес за исфрлање на Турција од НАТО

Конгресот на САД презентира резолуција со која се бара протерување на Турција од НАТО. Како што пренесува магазинот „Геополитика“, резолуцијата беше поднесена од пратеникот Тулси Габард, во која меѓу другото се наведува дека поради давањето отворена помош за Азербејџан во воените дејства во Нагорно Карабах, но и испраќањето борци за Исламска држава и други терористички организации во воените зони, Анкара треба да биде извадена од Алијансата бидејќи го загрозува нејзиното функционирање. Во резолуцијата дополнително се наведува дека НАТО треба да ги повика завојуваните страни да престанат со непријателствата и да го решат прашањето преку преговори.