Како стигнаа САД од „вирусот под контрола“ до над 100.000 жртви

249

Светската сила има најмногу жртви од ковид-19 во светот, а нејзините речиси 1,7 милион потврдени случаи се околу 30 отсто од светските инфекции

Бројот на жртви од новиот коронавирус во САД надмина 100.000 за помалку од четири месеци. Најмоќната држава во светот регистрира најмногу смртни случаи од ковид-19 во однос на која било друга земја во светот, а нејзините речиси 1,7 милион потврдени инфекции се околу 30 отсто од вкупниот број заразени лица во целиот свет. Првата инфекција во САД беше пријавена во државата Вашингтон на 21 јануари. Прашањето сега е како САД за краток период стигнаа од фаза во која администрацијата на Доналд Трамп тврдеше дека вирусот е „под контрола“ до фаза во која САД бројат најмногу жртви во светот.

На глобално ниво, регистрирани се над 5,7 милиони случаи на лица заразени со новиот коронавирус, како и околу 356.000 жртви откако вирусот се појави во кинескиот град Вухан кон крајот на минатата година. Бројот на жртви во САД изнесува 100.442, според податоците на универзитетот „Џонс Хопкинс“, кој го следи развојот на пандемијата. Тоа значи дека од ковид-19 починале повеќе Американци отколку во американските војни во Кореја, Виетнам, Ирак и во Авганистан. Но во однос на податоците по жител, САД се наоѓаат на деветтото место според стапката на смртност, зад земји како Белгија, Британија, Франција и Ирска. Сепак, бројот на настрадани во САД сè уште се зголемува, а здравствените власти велат дека реалниот број е веројатно поголем.

На национално ниво, дваесет сојузни држави објавија пораст на нови случаи за една недела. Северна Каролина, Висконсин и Арканзас се државите што бележат постојан пораст на случаи. Бројот на случаи е особено висок во повеќето големи градови, како Чикаго, Лос Анџелес или Вашингтон. Сепак, некои тешко погодени сојузни држави бележат пад на стапката на смртност, како Њујорк, каде што починаа 21.000 жители. Во екот на кризата, градот бележеше по стотици жртви дневно. Болниците беа преоптоварени со бројот на заразени и починати, па градските и здравствените власти мораа да прават импровизирани мртовечници надвор од здравствените установи, посочува Би-би-си.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, инсистира дека без одговорот на неговата администрација, бројот на настрадани би бил 25 пати поголем, иако критичарите обвинуваат за бавна реакција. Гувернерите на сојузните држави исто така се обвинети дека не успеале доволно рано да ја согледаат смртоносната закана од вирусот, особено во некои установи како старските домови.
Трамп првично ја минимизира пандемијата, споредувајќи ја со сезонски грип. Во февруари, тој рече дека САД го ставиле вирусот „под контрола“ и дека до април би можел „чудесно да исчезне“. Трамп предвиде 50.000-60.000 смртни случаи, па 60.000-70.000 случаи, а на крајот „значително под 100.000 смртни случаи“.

Трамп исто така тврдеше дека САД биле почестени што имале најголем број потврдени инфекции во светот, бидејќи тоа значело дека имале најдобра стратегија за тестирање на населението. Студија од универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, пак, сугерира дека САД би имале околу 36.000 жртви помалку од ковид-19 ако властите дејствувале порано.
Здравствената криза се случува во изборна година во САД и таа на голема врата влезе во предизборната кампања. Демократот Џо Бајден, кој речиси сигурно ќе биде противкандидат на Трамп во трката за Белата куќа во ноември, неделава директно им се обрати на семејствата што загубиле членови поради ковид-19. Бившиот потпретседател постојано ја критикува администрацијата на Трамп за начинот на кој се справува со последиците од пандемијата.
– Ова е судбоносна пресвртница што не требаше да ја достигнеме. Таа можеше да се избегне – порача Бајден.

Ковид-19 тешко ја погоди и американската економија. За време на пандемијата без работа останаа речиси 39 милиони Американци, а администрацијата на Трамп врши притисок врз сојузните држави да ги отвораат економиите, иако бројот на жртви продолжува да се зголемува. Сите 50 американски сојузни држави почнаа полека да ги ублажуваат карантинските мерки што ги воведоа како одговор на ковид-19.
Во моментот нема потврден третман или вакцина за ковид-19. САД се едни од големите сили што забрзано тестираат лекови и вакцини за новиот коронавирус, додека властите се надеваат на враќање на економиите и на секојдневниот живот во некаква (нова) нормала штом ќе се открие вакцина. Сепак, според анкета на Асошиејтед прес спроведена месецов, само 49 отсто од Американците би примиле вакцина против новиот коронавирус доколку биде откриена.


Жртви на САД во војни и од корона

Корејската војна (1950 – 1953 г.): 36.500
Војната во Виетнам (1961 – 1975 г.): 58.000
Војната на Ирак (2003 – 2011 г.): 4.500
Војната во Авганистан (2001 – денес): 2.000
Ковид-19 (фев. 2020 г. – денес): над 100.000

Извори: Би-би-си, „Џонс Хопкинс“