Како се живее на најтоплото место на светот

265

Во Долината на смртта неодамна беше измерена највисоката температура на Земјата, висока 54,4 степени – во големата пустинска област исполнета со кањони и песочни дини.

– Мислам дека сите губиме трпение од што е топло. Кога шетате надвор тоа е како во исто време во лице да ви дуваат многу фенови –вели Бренди Стјуард, која работи во националниот парк Долина на смртта во Калифорнија.

Светската метеоролошка организација (СМО) вели дека сè уште работат на потврдување на овој рекорд.

Бренди е една од стотината луѓе на кои оваа долина им е дом. Таа последниве пет години живее во Долината на смртта, работејќи на одделението за комуникации во паркот.

– Овде е толку топло и ми требаше многу време да се навикнам на едно чудно чувство – не можете да ја почувствувате сопствената пот затоа што веднаш испарува – вели таа за Би-би-си.

Стјуард вели дека во текот на летото луѓето денот најчесто го минуваат на затворено, меѓутоа некои бираат да се упатат кон планините каде што температурите се драстично пониски.

– Кога ќе се навикнете на толку висока температура, сè под 26 степени ви делува многу ладно – вели таа.

Џејсон Хесер, по потекло од Минесота, живее во Фернис Крик и работи на тамошниот терен за голф.

– Бев во Ирак двапати. Ако можев да го поднесам Ирак, можам да ја поднесам и Долината на смртта – вели овој поранешен војник.

Тој работи на теренот за голф од пет наутро до еден попладне.

– Ни рекоа дека кога ќе почне да станува потопло, ќе работиме од четири часот наутро. Во четири температурата е меѓу 37 и 40 степени – вели тој.

Водата што се користи за одржување на терените е од подземните извори, а Хесер е дел од тимот што помага да се одржува теренот во добра состојба.

Хесер дошол таму во октомври, 2019 година и ја сака својата работа. Планира да остане таму повеќе години. Во своето слободно време сака да игра голф на теренот, а тоа најчесто е околу седум часот наутро, пред да почнат неподносливите температури.

Само двапати досега се измерени повисоки температури. Еднаш во Фернис Крик во 1913 година (56,6 степени) и вторпат во Тунис во 1931 година (55 степени).

Меѓутоа, денешните научници и метеоролози велат дека тие температури не биле точно измерени.

Тие тврдат дека е сосема можно на друго место на Земјата температурата да била повисока, меѓутоа тоа не било измерено поради недостаток на метеоролошки станици.

Засега, Фернис Крик останува најтоплото место на светот.

– Луѓето ме прашуваат како е овде. Најдобар начин за да го опишам тоа е кога печете нешто и сакате да проверите до каде е, ќе ја отворите вратата од рерната и ќе ве плисне врел воздух. Е па такво е чувството – вели Хесер.