Како Орбан го сруши системот на ЕУ, без да сноси никаква одговорност

443

Унгарскиот премиер ги искористи во своја цел слабостите во правниот и политичкиот систем на блокот

Авторка: Лили Бајер

Политико

Виктор Орбан е совршената бура на Европа и ги предизвика суштинските вредности на Европа. Вака не требаше да биде. Како што се развиваше низ годините, Европската Унија (ЕУ) внимателно се грижеше секоја членка да исполнува низа на одредени критериуми, како силни демократски системи со независно судство и власти кои го почитуваа владеењето на правото и правата на малцинствата. Но воопшто не сметаше на сценариото дека една од нејзините членки, откако се приклучи во блокот, ќе почне да го враќа напредокот, со тоа што во блокот на номинално демократски членки ќе има влада која ќе користи авторитарни тактики за да ја зајакне власта. Сепак, шеснаесет години откако се случи најголемото проширување во историјата на ЕУ, токму тоа го прави Унгарија под власта на премиерот Виктор Орбан, како што сметаат набљудувачите, европратеници и европски претставници.

Ваквата нова Унгарија претставува енигма за ЕУ додека се подготвува на 30 септември да го претстави првиот извештај за владеење на правото, во кој беа оценувани 27-те членки. Иако Европската комисија го нарече извештајот нова гаранција за заштита на демократските институции ширум блокот, малкумина очекуваат да ја спречи злоупотребата на владеењето на правото од страна на Орбан. Сепак, тој во изминатите десет години токму тоа успеа да го избегне. Неуспехот на ЕУ да се справи со она што е окарактеризирано како сериозно уназадување на демократијата од страна на една од нејзините членки има последици што се одразуваат надвор од нејзината врска со Унгарија. Со тоа што други држави, како Полска, се соочуваат со слични обвиненија, се поставува прашањето дали блокот може да опстои како заедница на вредности.

Проблемите на Орбан со Брисел започнаа кратко откако по вторпат беше избран за премиер во 2010 година. Во јануари следната година, премиерот кој обезбеди голема изборна победа во која неговата партија Фидеш освои две-третини од седиштата во унгарскиот парламент, се обрати на пленарната седница во Европскиот парламент во Стразбур и ги отфрли обвиненијата дека ја поткопувал слободата на медиумите. Членство на Орбан во Европската народна партија (ЕПП) се покажа како клучно во неговата прва голема борба со Брисел околу контроверзните закони за медиуми.

Постојано во текот на изминатата деценија, унгарскиот лидер воведуваше мерки кои ги поместуваа границите на она што неговите европски колеги беа подготвени да го прифатат, само за да се повлече под налетот на жестоки критики за да обезбеди делумна победа. Се работи за стратегија која неговите критичари ја нарекоа „два чекора напред, еден назад“. До крајот на битката беа изменети некои контроверзни елементи во медиумските закони, односно беа направени измени според барањата за „балансирано“ известување, но и ден денес постои загриженост за промените кои Орбан ги направи.

Орбан отсекогаш ги отфрлал критиките дека ги нарушува демократските норми. Тој во спротивно тврди дека само градел поинаква демократија, мислејќи на својата визија за „нелиберална демократија“ и „христијанска демократија“. Визијата на Орбан за Европа и демократија ги разгневи некои членови на ЕПП, особено од полибералните северни земји. Но исто така, наиде на негодувања и меѓу други елементи од партијата.

ЕПП со години го толерира Орбан, дури и кога на удар на унгарскиот премиер се најдоа граѓанските групи, ја наметна својата контрола врз медиумите и одржа избори кои беа критикувани од страна на ОБСЕ. Толеранцијата исто така важеше и кога Орбан одби да ги почитува азилантските правила на ЕУ. Но партијата трпението го изгуби во 2019 година, кога унгарската влада удри по еден од најистакнатите политичари во ЕПП, поточно тогашниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. По епизодата со Јункер, ЕПП се соочи со огромен притисок од членките кои сакаа Орбан да биде отстранет од партијата. Лидерството на партијата направи компромис во кој наместо него беше суспендирана Фидеш. Суспензијата немаше големо влијание врз секојдневната соработка меѓу партијата на Орбан и конзервативното семејство. Во наредните месеци се очекува повторно да се гласа дали да се отстрани партијата Фидеш, но највлијателниот член во партиското семејство, германската ЦДУ, останува поделена околу Орбан.

Покрај користа од соработката на ЕПП, Орбан го искористи и фактот што ЕУ не е подготвена да се справи со внатрешните предизвици. Ова му овозможи на Орбан да направи коренити промени во речиси секој аспект од унгарскиот јавен живот, од учебниците до изборниот систем и сопствеништвото на медиумските компании, без веднаш да добие санкции од ЕУ.

На 30 септември, Европската комисија ќе го претстави извештајот за владеењето на правото во Европа, со кој се оценува состојбата во секоја од 27-те членки на блокот, во областите како медиумскиот плурализам и поделбата на власта. Далеку е од јасно дали извештајот или предлогот за условеност на владеењето на правото ќе го принуди Орбан да се потчини. Будимпешта најверојатно ќе го отфрли извештајот како уште еден неоснован напад од Брисел, а мерките немаат механизам за спроведување, за со сигурност да има последици од прекршоците.

Во меѓувреме, Унгарија и Полска се бореа, досега успешно, да спречат сè што може да го скрати искористувањето на европските фондови и се заканија дека ќе го блокираат планираниот европски фонд за обнова вреден 750 милијарди евра ако предлогот за врската меѓу буџетот и владеењето на правото не се постигне на нивно задоволство.

Превод: Билјана Здравковска