Како наменската индустрија го врти светот

127

Стокхолмскиот институт СИПРИ објави специјален извештај, во кој првпат се наведени податоци за купопродажбата на оружје на сите светски сили, што овозможува создавање пореална слика за потенцијалот на наменската индустрија во светот, како и за компаниите што дејствуваат во овој сектор

Познатиот Меѓународен институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ) објави специјален извештај за најголемите производители на оружје во светот. Вредноста на овој извештај е во тоа што во него првпат се објавуваат податоци за купопродажбата на оружје од сите светски сили, што овозможува создавање пореална слика за потенцијалот на наменската индустрија во светот, како и за компаниите што дејствуваат во овој сектор.

Кога станува збор за светската листа на најголеми компании, СИПРИ наведува дека американската „Локид мартин корпорејшн“ е на првото место. Станува збор за компанија специјализирана за производство на авиони и вселенска технологија. На второ место е „Боинг“, исто така од САД, која е една од најголемите светски компании од областа на авиопроизводството, вселенската технологија и воената техника. „Боинг“ е поделен на два главни производствени оддели – за цивилно производство, како и за воено производство и вселенска технологија. По „Боинг“, следува американската компанија „Нортроп Груман корпорејшн“, специјализирана за сферата на електрониката и информациската технологија, вселенската технологија и бродоградителството. Оваа компанија е водечки производител на воени и разузнавачки авиони, одбранбени системи и прецизни видови оружје. На четвртата позиција се наоѓа американски „Рејтон“, компанијата што е најмногу позната по производството на противракетниот систем „патриот“, како и крстосувачките проектили „томахавк“, а се смета и за најголем производител на наведувани ракети.

По „Рејтон“ следува „БАЕ системс“ – британската компанија што е фокусирана на продажба на оружје, информациска безбедност и вселенска технологија.
Во извештајот на СИПРИ, првпат меѓу првите десет компании се најдоа и производители од Кина. Податоците покажуваат дека Кина ја надмина Русија според обемот на производство на оружје, па, така, сега се наоѓа на второто место на светската листа на производители, веднаш зад САД. СИПРИ посочува оти четирите најголеми кинески воени концерни произвеле повеќе оружје од целата руска воена индустрија. Стокхолмскиот институт наведува дека четирите кинески компании, во 2017 година, продале оружје во вредност од 54,1 милијарди долари, поради што тие се вбројуваат помеѓу 20-те најголеми производители во светот.

– Три од овие компании би се вброиле на листата на десет најголеми компании – се истакнува во извештајот на СИПРИ.
Па, така, производителот на авиони „Авиејшн индустри корпорејшн оф Чајна“ (АВИЦ) е на шестото место на листата најголеми компании, со продажба од 20,1 милијарди долари во 2017 година, додека, пак, компанијата фокусирана на копнени системи, „Чајна норт индустрис груп корпорејшн“ (НОРИНКО), е на осмото место, со продажба од 17,2 милијарди долари. Преостанатите две најголеми кинески компании се „Чајна електроникс груп корпорејшн“ (ЦЕТЦ) и „Чајна саут индустрис груп корпорешјн“ (ЦГЦГ). Колку за споредба, како што наведува СИПРИ, вкупната продажба на американско оружје во 2017 година достигнала 226,6 милијарди долари, додека, пак, Русија таа година продала оружје во вредност од 37,7 милијарди.

Во извештајот се наведува дека најголем купувач на кинеско оружје е токму кинеската војска.
– Речиси целото оружје што го произведува Кина, го купува кинеската војска. Една од причините за тоа е фактот што Пекинг, при производството на оружје и технологија за војската, сака да биде целосно независен од другите држави. Истовремено, постои бавен тренд на пораст на странската побарувачка за кинеско оружје – истакнува Нан Тијан, експерт од СИПРИ.

Истовремено, буџетот за одбраната на Кина во 2018 година достигнал 250 милијарди долари, што е за речиси десет пати повеќе од буџетот во 1994 година.


Зошто е важна наменската индустрија

Производите на наменската индустрија најчесто ги финансира државата бидејќи го јакнат индустрискиот развој, меѓу другото и преку освојување нови технологии, зголемување на капацитетите и слично. Имајќи ја предвид сложеноста на производите што ги произведува наменската индустрија, таа најчесто ги привлекува најголемите експерти во своите области, кои преку проектите од наменската индустрија стекнуваат уште поголеми знаења и искуства, кои не би можеле да ги стекнат во други индустрии.
Од тие причини, големите сили во Студената војна, но и денес, вложуваат големи средства во воени проекти за да постигнат што поголеми резултати. Ова се огромни суми што ги пренасочуваат државите, но на долги патеки се стекнува искуство што подоцна се искористува во решавањето разни општествени проблеми. Покрај стекнатото искуство на инженерите, наменската индустрија овозможува и создавање разни истражувачки иновации, како нови материјали, извори на енергија или идеи за пренос на енергија и слично.


Повеќе се троши за војни отколку за мир

Сцила Елворти, која досега трипати е номинирана за Нобеловата награда за мир, во 2002 година ја основа организацијата „Пис директ“, чија цел е финансирање, промоција и учење од локалните иницијативи за мир во конфликтните области. Нејзината најнова книга „Бизнис план за мир“ посочува на 25 испробани и тестирани стратегии за спречување војни и конфликти. Сепак, Елворти истакнува дека истражувањата за период од десет години покажуваат дека светот потрошил само две милијарди долари за спречување војни и конфликти.
– И додека за вооружување светот потрошил 1.739 милијарди долари за период од десет години, за мировните иницијативни се потрошени само две милијарди долари – заклучува Елворти.