Како милионски вредниот кокаин исплови на филипинските плажи

533

Во последните неколку месеци, пакети со кокаин кои вредат повеќе милиони долари започнаа да се појавуваат на бреговите во источниот дел на Филипините. Во најновиот инцидент, седум пакети со кокаин беа пронајдени на плажа во близина на провинцијата Квезон, откако во мај 39 пакети со вредност од околу четири милиони долари беа „уловени“ од рибари во оваа земја, пренесува Би-би-си.

Полицијата тврди дека постои можност дрогата да била транспортирана кон Австралија, каде постои голема побарувачка за кокаин. Сепак, досега нема конкретен одговор зошто овие стручно спакувани пакети со кокаин се појавуваат на плажите на Филипините.

Според локалните власти, пронајдени се пакети со кокаин во вредност од 682 илјади долари. Се шпекулира дека шверцерите на кокаин ги исфрлаат пратките од бродовите доколку се компромитирани, а потоа силните морски струи да ги носат кон бреговите. Другата шпекулација е дека поморските трговци со дрога ги врзуваат пакетите за подводни сидра за други дистрибутери, но овој систем не е секогаш успешен и пакетите се ослободуваат.

Од друга страна, Агенцијата за сузбивање на кримнал со дрога на Филипините верува дека овие пакети со кокаин се диверзија и начин за привлекување на вниманието на властите, за во меѓувреме шверцерските мрежи да можат слободно да шверцуваат метамфетамин, дрога која е најраспространета и најкористена во оваа земја.