Како кралот ја изненади Белгија, соочувајќи се со минатото

379
Бистата на кралот Леополд Втори во Гент беше отстранета минатата недела

Откако јавно проговори за колонијалното минато, кралот Филип почна да се бори со иднината на неговата држава

Авторки: Барбара Моинс и Камила Гајс

Политико

Со отворањето на темата за бруталното колонијално минато на Белгија, кралот Филип презеде огромен ризик и можеби ја отвори Пандорината кутија. Во вторникот на одбележувањето на 60 годишнината од прогласувањето независност на Конго од Белгија, монархот испрати писмо до претседателот на Конго во кое го изрази своето „најдлабоко жалење“ за „насилството и злосторствата“ што се извршиле во државата под белгиска окупација.

Ова беше изненадувачки потег надвор од кралската традиција на премолчување на колонијалната историја на државата. Иако протестите за движењето „Црните животи значат“ предизвикаа зголемен притисок врз кралското семејство да зборува за ова прашање, сепак, повеќето очекуваа дека палатата ќе чека да се произнесе барем до есен, кога новата комисијата за вистинити факти и помирување се очекува во белгискиот парламент да почне со работа на извештајот за колонијалната историја на државата.

Но во периодот пред одбележувањето на годишнината, 60-годишниот крал сфати дека треба да го признае страдањето во колонијалниот период и на тој начин да внесе еден вид на смиреност во дебатата, како што изјавија негови блиски за „Политико“, особено затоа што ова е една од традиционалните должности на кралот во белгиското општество.

Белгиската премиерка Софи Вилмес потврди за новинарите на прославата од годишнината во Брисел дека токму самиот крал бил иницијаторот за неговото писмо во кое го изразил своето жалење како индиректен потомок на кралот Леополд Втори кој долги години го експлоатирал Конго во 1880-тите години.

– Ова со сигурност ќе се запамети како пресвртница во неговото владеење. Тој ја креира својата историска слика – порача пратеникот во бриселскиот парламент Калвин Соарес Њал, кој има африканско потекло, поздравувајќи го потегот.

Иако писмото на Филип доби пофалби од повеќето политичари и активисти, сепак пошироката реакција ја одразува чувствителноста на ова прашање. Некои тврдеа дека кралот не требало да се меша во дебатата додека други сметаат дека сега е предоцна за неговото жалење и оти ова е многу мал чекор. Откако го стори неочекуваното, сега Филип не може лесно да се повлече. Тој веќе се најде под притисок да преземе повеќе чекори, што го става под ризик да се вовлече подлабоко во жестоката политичка дискусија.

Отвореното зборување за Конго беше храбар потег, но белгискиот крал можеше ова да го направи затоа што неколку години го градеше својот политички капитал и народната поддршка во јазично поделената држава. Тоа што неговите противници сметаат дека бил во позиција да реагира само го одразува неговиот успех во надминување на очекувањата откако седна на престолот во 2013 година, особено затоа што многумина стравуваа дека нема да има капацитет да ја извршува функцијата.

Реакцијата на писмото на Филип до Конго го истакнува предизвикот со кој се соочува монархот, односно што ако потребите на Белгија се преголеми за решавање? Иако потегот беше нашироко поздравен од белгиските политичари, меѓу фламанските десничарски националисти послужи како уште една причина да се жалат за Валонците.

– Фламанците немаат никаква врска со колонијалната историја на Белгија. Одговорноста е кај кралското семејство и огромните финансии на француските говорители. Токму тие треба да платат за грешките во минатото – истакна пратеникот во белгискиот парламент Вутер Вермерш од десничарската, популистичка фламанска партија „Вламс беланг“.

Политичкиот ќор-сокак кој е еден од најтешките во сложената историја на државата, повторно ги отвори прашањата за иднината на Белгија. Во раскараните региони во државата не само што има јазично ривалство, туку има и голема разлика во политичките ставови.

Фламанците повеќе гласаат за десничарските партии додека Валонија повеќе гласа за левицата. Државата веќе тонеше во долгови пред корона-кризата, а пандемијата ќе доведе до дефицит од 42 до 50 милијарди евра или 10 до 20 отсто пад во БДП на земјата. Дури ни ова не е доволно добра причина за страните да седнат на преговарачката маса, како што смета Венсан Дужарден, професор по современа историја на католичкиот универзитет во Луван.

Фламанските националисти се залагаат за подлабока обнова во владината структура на државата со тоа што ќе се намали националната моќ за сметка на поголема автономија на регионите. Коронавирусот беше уште еден знак дека мора да се поправат односите со Валонците.

Поддржувачите на Филип можат да се утешат со фактот дека неговата функција не мора да зависи од неговиот успех во управувањето со државата. Поголема фламанска автономија не мора да значи дека ќе биде последниот крал на Белгијците.

Фламанците ја признаваат улогата на монархот како фактор за стабилност и важноста на кралот во промовирање на економските интереси надвор од државата. Малкумина во државата би сакале да предизвикаат нарушувања што би следеле од поделба на државата. Поделбата на Белгија би била како 10.000 брегзити, како што смета Франсоа де Смет, лидерот на националистичката партија „Дефи“.

– Вакво нешто би испратило лоша порака во Европа ако не можеме да зачуваме една мала држава со три јазици и 11 милиони жители – посочи тој.

Состојбата сега можеби изгледа безнадежно, но Филип сепак располага со опции да го реши политичкиот ќор-сокак. Сè уште постои можност за нови избори, како и за формирање на нова техничка влада. Како што велеше поранешниот белгиски премиер Гастон Ејскенс: „Белгија е посилна отколку што се смета“.

Превод: Билјана Здравковска