Каков е крајниот план на Навални?

1096

Илјадници луѓе вчера излегоа на протести во Русија поради апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални кој беше притворен по неодамнешното враќање од Германија. Сега Навални се позиционира како главен ривал на рускиот претседател Владимир Путин, откако неговата новостекната слава го потисна обидот на провладините медиуми да го претстават како обичен „блогер“, пишува Леонид Рагозин во неговата колумна за „Ал Џезира“.

Активизмот на Навални навистина почна со неговото делување како антикорупциски блогер пред една деценија, а тој стана и првиот руски опозиционер кој успеа да создаде национална мрежа на поддржувачи. Се чини дека популарноста на Навални се зголемува, со што едно од неговите видеа на Јутуб, објавено на 19 јануари, имаше 25 милиони прегледи во првите 24 часа и достигна 70 милиони прегледи во следните четири дена.

Руското општество, пак, е поделено на три нееднакви делови. Две малцинства кои ги претставуваат тврдокорните поддржувачи на Навални и на Путин, и мнозинство кое го поддржува рускиот претседател.

Навални се надева на промена во политичките ставови на населението, каква што се случи во Белорусија минатата година, каде што избија протести против претседателот Александар Лукашенко. Но Навални веројатно не очекува успех прекуноќ, туку создава замав за кампањата за претстојните парламентарни избори во септември.

– Засега е извесно дека го очекува тежок предизвик бидејќи милионите подржувачи на Путин имаат причини да веруваат дека ќе загубат повеќе отколку што ќе добијат со промена на власта, поучени од претходните искуства. Сегашната руска власт овозможува пристоен животен стандард. Прашањето за Украина исто така ја преокупира руската јавност, а евентуалната промена на власта носи и стравувања за домашна нестабилност. Многумина Руси се сомневаат и дека нечувствителниот или дури отворено непријателски настроениот Западот би навивал за силите што би ја распарчиле државата, како што беше случај со Украина – пишува меѓудругото Рагозин.

Препредената реторика на Западот прави да изгледа како западните држави да претпочитаат Русија да се претвори во отуѓена држава опкружена со непријателски националистички режими, а не во демократија. Таквата можност би ги обесхрабрила и најлибералните Руси да го оспорат владеењето на Путин, заклучува авторот.