Казни за возење на електрични скутери во пешачки зони во Париз

110

Франција ќе забрани движење на електрични скутери по нивните тротоари и пешачки зони од септември, откако локалното население се пожали дека овој нов тип на возила создава метеж на јавните простори, а во меѓувреме забележана е и зголемена бројка на инциденти, пишува Си-ен-ен.

Во Париз, но и повеќе други градови во Франција интересот за електричните скутери е многу голем од нивното појавување пред безмалку една година. Во главниот град во моментов има повеќе различни компании кои ги издаваат скутерите.

Зголемувањето на бројката на населението кое ги користи скутерите предизвика тензии и незадоволство кај населението. Министерката за транспорт на Франција призна дека со скутерите се предизвикани и многу повеќе инциденти.

– Развојот на електричните скутери беше многу брз и малку анархичен. Не предвидовме дека е можно да се создадат вакви проблеми. Вистина е дека има зголемена бројка на инциденти и незадоволство кај пешаците на тротоарите – рече министерката Елизабет Борн.

Борн додаде дека сите оние кои ќе возат скутер на тротоарите од септември во Франција ќе бидат казнети со 135 евра.