Каде ќе заврши богатството на Епстајн?

1266

Познатиот финансиер Џефри Епстајн, чие самоубиство се најде во центарот на вниманието на светската јавност, оставил тестамент два дена пред неговото самоубиство во затворската ќелија во Њујорк, пренесуваат американските медиуми.

Според судските документи поднесени минатата недела, вредноста на богатството на Епстајн е проценета на околу 577 милиони долари, но во нив не се наведуваат наследници.

Тестаментот и неговите детали првпат беа објавени од „Њујорк пост“, но во документите е истакната желбата имотот да биде ставен во фонд.

Според медицинските извештаи, шеесет и шестгодишниот Епстајн се обесил во неговата ќелија додека чекаше судење за обвинувањата за сексуална злоупотреба на малолетни девојки и за секс-трговија.

Тој ги негираше обвинувањата, беше задржан во затвор без да му биде дозволена кауција и се соочуваше со максимална затворска казна од 45 години.

Епстајн го оставил сиот свој имот во фонд насловен „Фонд 1953“, кој според информациите на „Њујорк пост“, го потпишал на 8 август, два дена пред неговото самоубиство.

Во тестаментот не се споменуваат можни наследници, а неговото богатство вклучува 56 милиони американски долари во готовина, 14 милиони долари во фиксни приходи, како и неколку превозни средства вклучувајќи бродови, автомобили и авиони во вредност од 18 милиони долари. Тој поседувал 200 милиони долари во приватни фондови и инвестиции. Неговата колекција од уметнички дела и антиквитети допрва треба да се процени.

Некои од наводните жртви на Епстајн изјавија дека ќе се обидат да дојдат до дел од богатството, како отштета по неговата смрт. Бидејќи тој е мртов, нема да има судење за кривичните обвиненија поднесени против него.

– Неговото богатство треба да биде дадено на неговите жртви. Тоа би бил единствениот вид правда која тие сега можат да ја добијат. Јас ќе се борам за тоа – изјави адвокатката Лиса Блум, која ги застапува дел од жртвите на Епстајн. 

По неговото апсење и обвиненија дека предводел операција за секс-трговија која намамила голем број на малолетни девојки на возраст од 13-14 години во неговиот дом, на Мехнетн, во периодот помеѓу 2000 и 2005 година, голем дел од богатите бизнисмени и светски познати личности кои се поврзуваат со Епстајн се дистанцираа од него.