И холивудските ѕвезди „влегоа“ во бизарната кампања за ослободување на руски оперативец

216
Сцена од еден од двата снимени филма за затворањето на Максим Шугалеј

Немој да се предаваш, слободата ќе дојде, кажа своеремено Чарли Шин стоејќи пред камера во неговата кујна, обраќајќи му се на Максим Шугалеј, рускиот политички консултант и оперативец кој е затворен во Либија повеќе од една година, под обвинение дека се вмешал во хаотичниот конфликт во државата, пишува „Форин полиси“.

Славниот американски актер Шин, заедно со неговите колеги Вини Џонс и Долф Лундгрен, навидум без нивно знаење, беа „регрутирани“ да снимат видеопораки во кои изразуваат поддршка за Шугалеј, преку интернет-страницата „Камео“, на која славните личности наплаќаат хонорар за појавување во видео-пораки.

Снимките се дел од бизарната меѓународна кампања за привлекување на внимание кон притворот на Шугалеј. Кампањата засега го вклучуваше неговиот избор во локалната власт во Русија, два филма, платена статија во „Вашингтон пост“, организација на турнир во мешовите боречки вештини и протестот на Марија Бутина (помина 15 месеци во затвор во САД под обвинение за шпионажа) пред либиската амбасада во Москва.

Марија Бутина протестираше за слобода на Шугалеј

Не е јасно кои се точните мотиви за кампањата за ослободување на Шугалеј и на неговиот преведувач, која ја предводи Александар Малкевич, советник за медиумската политика на руската влада и прв човек на Фондацијата за заштита на националните вредности, која работи на „заштита на руските национални интереси“. Шугалеј и неговиот преведувач беа уапсени во Либија минатата пролет додека спроведуваа социолошко истражување за фондацијата.

Шугалеј беше именуван во истрагата на Би-би-си како дел од рускиот тим што отпатувал во Мадагаскар во пресрет на претседателските избори во 2018 година, наводно нудејќи им пари на барем шестмина кандидати. Либиското обвинителство во јуни ги обвини Шугалеј и неговиот преведувач за шпионажа и за работење на наводен заговор за помош на Русија за обезбедување на база во Либија.

Шугалеј (десно) и неговиот преведувач се затворени во Либија

Видеата во кои се појавуваат Шин, Лундгрен и Џонс беа тргнати од Јутуб откако „Форин полиси“ ги контактирала актерите за коментар. Тие остануваат на руската социјална мрежа „Вконтакте“.

Агентот на Џонс потврдил дека неговиот клиент добил 300 долари да ја сними пораката преку „Камео“, но вели дека тој не го знаел идентитетот на човекот што го побарал видеото. Лундгрен и Шин, пак, не биле достапни за коментар. „Камео“ спроведува сопствена истрага за да открие дали видеата биле платени од страна на лице или компанија од Русија.

Малчевич истакна дека кампањата се должи на желбата на враќање на рускиот државјанин дома, додека познавачите на состојбите истакнуваат дека таа е дел од обидите на Москва да ги остави отворени каналите за комуникација со клучните играчи во Либија, вклучувајќи ја и владата кој Кремљ ја смета за одговорна за апсењето на Шугалеј.