И Туркменистан станува дел од кинескиот „Еден појас, еден пат“

212

Кинеската иницијатива за модернизација на постојните и за изградба на нови трговски и сообраќајни коридори засега вклучува околу 60 држави од Централна Азија, Европа и од Африка. Таа беше лансирана од кинескиот претседател Си Џинпинг во текот на неговиот говор во казахстанската престолнина Астана во 2013 година и оттогаш привлекува сѐ поголем број земји, наведува порталот „Геополитика“

Туркменистанскиот претседател Гурбангули Бердимухамедов ја поддржа кинеската инфраструктурна иницијатива „Еден појас, еден пат“, порачувајќи дека таа ќе им користи и на двете земји. Туркменистан е најпознат по својата меѓународна изолираност, но, што е уште поважно, и по големите резерви на природен гас. Кинеската иницијатива за модернизација на постојните и за изградба на нови трговски и сообраќајни коридори засега вклучува околу 60 држави од Централна Азија, Европа и од Африка. Таа беше лансирана од кинескиот претседател Си Џинпинг во текот на неговиот говор во казахстанската престолнина Астана во 2013 година и оттогаш привлекува сѐ поголем број земји, наведува порталот „Геополитика“.

На кинеската иницијатива од самиот почеток, а особено по доаѓањето на власт на администрацијата на Доналд Трамп, отворено се противат САД, кои предупредуваат дека Пекинг сака да ја преземе глобалната економска доминација и со неповолни кредити да ги задолжува другите држави, зголемувајќи ја на тој начин нивната зависност од Кина. Пекинг, се разбира, има сосема спротивни ставови, тврдејќи дека од оваа иницијатива голема корист ќе имаат сите земји што учествуваат во неа и тоа преку отворањето можности за уште поедноставна трговија, пласирање на нивните производи на нови пазари и отворање нови работни места.

Вистината, како што оценува „Геополитика“, е некаде на средина, односно постојат и едните и другите елементи. Впрочем, кој било голем меѓународен проект од инфраструктурен, енергетски или друг карактер, во себе содржи и геополитички елементи и мотиви, покрај пазарните. Според порталот, никој не може да негира дека и кредитирањето од водечките западни финансиски институции не доведува до сличен ефект – огромно задолжување и зависност на оние земји што ја користат нивната финансиска помош. Уште поголем проблем е тоа што од таквата финансиска помош, односно кредитирање, државите и обичните луѓе во практика не гледаат никаква економска или социјална корист. Ситуацијата е токму спротивна – земјите што се задолжуваат всушност ги „кредитираат“ своите кредитори. Токму поради тоа, оваа кинеска иницијатива, со конкретните проекти што ги носи со себе, е толку привлечна за многу земји, и тоа не само за земјите во развој. За тоа најдобро говори фактот дека кон „Еден појас, еден пат“ пред неколку месеци се приклучи и првата земја-членка од Г7 – Италија, што предизвика големо незадоволство на Вашингтон, кој во практика не можеше многу да стори за да го спречи тоа, освен да го предупреди Рим дека земјата поради тоа ќе има долгорочни штетни последици. Но празната политичка реторика без конкретни резултати е едно, а реалниот живот е сосема друго, па затоа Италијанците не се „потресоа“ многу. Па така Рим, покрај позитивните кинески капитални инвестиции за Италија во нејзините главни пристаништа Џенова и Трст, со влегувањето во оваа иницијатива ја гледа и својата голема шанса за пласирање на италијанските земјоделски, индустриски и модни производи на големиот кинески пазар.

Економската и другата корист тука е двострана и тоа никој не може да го негира. А геополитичките последици се нешто сосема друго. Па така, зарем не е целта на правилното геополитичко позиционирање на која било држава од светот, токму создавањето предуслови за нејзин успешен и долгорочен развој. Или, како што оценува „Геополитика“, геополитиката, гледана од перспективата на Вашингтон, би требало да служи само за заштита и промоција на американските интереси.

Во новонастанатите геополитички превирања од глобален карактер, кинескиот проект „Еден појас, еден пат“, во никој случај не им е од корист на САД, кои прават сѐ за да го „минираат“ и работите да ги вратат во нормалниот тек, односно, ситуацијата во која глобалната доминација на Вашингтон не треба да се доведува во прашање. Колку ќе успее Вашингтон во тоа, е сосема друга работа.


И Балканот дел од кинеската иницијатива

Неодамна српската министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, најави дека партнерите во изградбата на брзата пруга Белград – Будимпешта ќе им понудат и на Северна Македонија и на Грција да се вклучат во овој проект. Претставниците од нашата влада, иако не откриваат детали, сепак велат дека секое подобрување на превозот по Коридорот 10 е добредојдено и се подготвени за соработка со соседите.
– Пругата е стратегиски важен проект за изградба на железничката инфраструктура. Тоа е витален дел од унапредувањето на Коридорот 10 и зајакнување на паневропските коридори. За ова прашање сме отворени за соработка со нашите соседи, Грција и Србија, кои се дел од Коридорот 10 и со сите други заинтересирани страни – ни одговорија накратко од владините служби.
Српската министерка Михајловиќ, пак, подетално го објасни планот.
– Не е доволно да имаме само модернизирана пруга по која ќе се вози со 200 километри на час од Белград до Будимпешта, особено ако тоа го немаме низ целата делница, бидејќи овој проект е дел од проектот „Еден појас, еден пат“. Се надеваме дека ќе има интерес и тоа, всушност, би бил вистински коридор – истакнала Михајловиќ за Радио-телевизија Србија.
Таа додаде дека во интерес на Србија е да ги натера сите да бидат дел од овој проект. Српската министерка изјави дека вредноста на оваа железничка пруга од Белград до границата со Унгарија изнесува околу две милијарди долари, а целата пруга до Будимпешта чини околу четири милијарди долари, како и дека тоа е најголемиот инфраструктурен проект во овој дел на Европа.