И „Википедија“ удри во „кинескиот ѕид“ на Интернет

240

Кина ја прошири забраната на протокот на информации на страницата „Википедија“, со цел да ја блокира онлајн енциклопедијата на сите достапни јазици, пренесува „Тајм“.

Претходната забрана беше поставена само за верзијата на страницата која беше на кинески јазик, како и за пребарување на чувствителните теми поврзани со Далај Лама и масакрот во Тјенанмен. Забраната била поставена во април. Фондацијата „Википедија“ преку соопштение објаснува дека не добила известување за поставената забрана.

Страницата на „Википедија“ е додадена на листата забранети интернет-страници во Кина, која во последниве неколку години го стегна стисокот околу пристапот до слободни информации. Забранети се страниците на „Гугл“, „Фејсбук“ и „Линкдин“, а корисниците во Кина мораат да употребуваат виртуални приватни мрежи со цел да го заобиколат „Големиот ѕид“ на Кина.

Според Светскиот индекс за слобода на печат, Кина се наоѓа на 177-то место од вкулно 180 земји кои се анализирани. Според друго истражување, Кина не само што спроведува локална забрана за проток на информации, туку и се обидува да се инфилтрира во странските медиуми со цел да одврати критики и да шири пропаганда.