Италија се обидува да ја „оживее“ Европа преку шок-терапија

398

Дипломатската војна со Франција и барањата за промени во НАТО се чини дека спаѓаат во италијанскиот обид за „протресување“ на Европа, за кој италијанскиот премиер Џузепе Конте зборуваше во интервју за европското издание на магазинот „Политико“.

– Барањето промени не значи дека сме против ЕУ. Напротив, бидејќи се грижиме за Европа, сакаме таа да стане Европа на народот, поблиска до неговите потреби. Некои велат дека ја предизвикуваме ЕУ, јас велам дека ја протресуваме за да ја оживееме – истакна Конте во пресрет на неговото обраќање во Европскиот парламент.

Тој посочи и дека тие не се караат со другите членки на ЕУ, туку дека станува збор за недоразбирање, како што е, на пример, во случајот со Франција. Од друга страна, медиумите известуваат за дипломатската војна помеѓу Франција и Италија, откако Париз го повлече амбасадорот од Рим, поради „повеќекратните напади без основа“ од владејачките италијански партии. Односите помеѓу двете држави се дополнително влошени и поради поради плановите за изградба на брза железница помеѓу Лион и Торино, на што Франција веќе почна да работи, додека италијанската партија „Пет ѕвезди“ се обидува да го отфрли проектот.

Италијанската министерка за одбрана Елизабета Трента побара преиспитување на прописите на НАТО за државните буџети, со цел да бидат вклучени кибер-безбедноста и инфраструктурните трошоци. Италија претходно имаше несогласувања со европските партнери околу нејзиниот државен буџет за 2019 година.

– Постојат ставки во нашето трошење кои се поврзани со одбраната, но не се во буџетот за одбрана – кажа Трента. 

Покрај забелешките упатени кон ЕУ и НАТО од страна на италијанските власти, претседателот на Европскиот парламент, италијанскиот политичар Антонио Тајани, имаше изјави што ги вознемирија Хрватска и Словенија. Лидерите на Словенија и на Хрватска го осудија Тајани поради, како што истакнаа, неговите забелешки што сугерираат полагање право на Италија врз нивната територија.

– Да живеат Трст, италијанската Истра, италијанската Далмација, да живеат вредностите на нашата татковина – порача Тајани во говорот по повод Денот на сеќавање на жртвите од егзодусот од Истра, Риека и Далмација во Втората светска војна.

Словенечката пратеничка во Европскиот парламент Тања Фајон веднаш реагирала на изјавата на Тајани, a набргу уследи и реакција на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој ги оцени зборовите на италијанскиот политичар како непримерени. Словенечкиот премиер, Марјан Шарец, на Твитер изрази незадоволство против „желбата за фалсификување на историјата“.

Италијанскиот премиер Конте, сепак, изрази уверување дека несогласувањата ќе се решат, бидејќи, според него, италијанската влада не е дисфункционалниот елемент во равенката, туку тоа е „неспособноста на Брисел да ги слуша потребите на неговите граѓани“. М.Ж.