Италија нареди конфискација на бродот за спасување мигранти „Аквариус“

145

Италијански обвинители наредија конфискација на бродот за спасување мигранти „Аквариус“ и ја обвинија меѓународната хуманитарна група „Лекари без граници“ за нелегално депонирање на 26,4 тони медицински и контаминиран отпад, акумулирани за време на спасувањето.

Италијанските власти информираа дека 24 лица се под истрага, вклучувајќи го и италијанскиот персонал од „Лекари без граници“ и екипажот на „Аквариус“. Тие се обвинети дека соработувале со поморска агенција со седиште во Сицилија на мешање на специјализиран отпад, вклучувајќи медицинска опрема и облека на мигранти со регуларен отпад заради заштеда на пари.

Обвинителите наредија заплена на „Аквариус“, кој е закотвен во Марсеј, како и на 460.000 евра, кои биле пронајдени на пловилото.

„Лекари без граници“ ја оквалификуваа одлуката како несразмерна и како уште еден обид за криминализација на спасувачите на мигранти. Тие тврдат дека при депонирањето на отпадот биле почитувани сите стандардни процедури.