Истрага за педофилија на интернет – уапсени 338 лица ширум светот

119

Американските правници задолжени за борба против педофилијата денеска соопштија дека уапсени се 338 лица во 38 земји во рамки на истрага за интернет-страници за детска порнографија кои видеата ги продавале во замена за криптовалути биткоин, јавија светските агенции.

Веб-страницата „Добредојдовте на Видео“ (Welcome To Video) била затворена во март 2018 година, а на истата биле прикачени над 250.000 видеа, соопштија властите.

Судските власти уапсија и обвинија лица од САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Германија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Чешка, Канада, Ирска, Шпанија, Бразил и Австралија, соопшти министерството за правда на САД.

Во извештајот се вели дека истрагата помогнала за спасување на најмалку 23 малолетни жртви во САД, Велика Британија и Шпанија кои биле злоупотребени од корисниците на страницата. Многу од децата на видеата сè уште не се идентификувани.
Welcome To Video е една од првите веб-страници која наплаќала детската порнографија со биткоини, што им овозможило на корисниците да ги кријат своите идентитети за време на финансиските трансакции, соопшти американското Министерство за правда.