Историјата се повторува со протестите за смртта на Џорџ Флојд

454

Потсетување на 1968 година

Економист

Претседателот, кој вети во неговиот инаугурациски говор дека „масакрите во Америка ќе престанат веднаш и сега“, по три години се најде во состојба да биде одведен во бункер во Белата куќа додека надвор беснееја протести. Во еден момент се изгаснаа светлата во претседателската резиденција, а околните улици беа осветлени од пожари. Она што почна како израз на незадоволство кога Џорџ Флојд, Афроамериканецот осомничен дека купувал цигари со фалсификувани долари, почина на 25 мај, откако Дерек Шовен, полицаецот од Минеаполис, девет минути држеше колено врз неговиот врат, сега прерасна во масовни протести во целата држава.

Протестите за расната неправда постојано се одлика на современиот американски живот. Нивната историја може да му даде смисла на движењето што за само една недела се прошири низ Америка и не стивна покрај тоа што Шовен беше обвинет за убиство од трет степен, и втор степен на убиство без умисла. Зошто тогаш продолжија протестите и се раширија во сите градови во државата?

Според размерите, масовноста и тежината, минатонеделните протести за полициските убиства потсетуваат на оние од 1968 година по убиството на Мартин Лутер Кинг. Тогаш се случија масовни протести во над 100 американски градови, од кои во повеќето беа предизвикани огромни штети. Исто така тогаш коментаторите се прашуваа која е поентата на пљачкосувањето и демолирањето на продавниците. Немирите од 1968 година оставија длабоки лузни во урбаната Америка, го поттикнаа белиот егзодус и ја засилија сегрегацијата. Делови од Вашингтон, кој особено беше погоден, и 20 години подоцна уште ги чувствуваат последиците. Ричард Никсон дојде на функција поради ветувањето дека ќе го врати законот и редот.

Секако, настаните од изминатава недела не можат да се сведат само на повторување на историјата. Тие потекнуваат од протестите против починатите невооружени Афроамериканци осомничени за ситен криминал во полициски притвор, иако тие обично беа ограничени на градовите во кои се случиле. Смртта на Мајкл Браун во Фергусон, Мисури, во 2014 година, и на Фреди Греј во Балтимор, Мериленд, во 2015 година, поттикнаа масовни протести. Тие исто така поттикнаа национални напори за подигање на свеста што беа преточени во слоганот „црните животи значат“ и истоименото слободното движење. Се вклучија и белите Американци налутени поради расната неправда. За разлика од претходните вакви протести, оние од изминатата недела вклучија значителен број на белци.

Однесувањето на полицијата кон Афроамериканците не е само прашање на партиска политика. Расните немири се разгореа во градови предводени од демократите, како Минеаполис, но и во оние предводени од републиканците. Движењето „црните животи значат“ се рашири додека Барак Обама беше претседател. Полициските оддели функционираат во голема мера автономно поради што е тешко да се спроведе здружена реформа. Уште потешко е решавањето на проблемот со непропорционалното притворање на Афроамериканците, меѓугенерациската сиромаштија, долгогодишната сегрегација во населбите со слабо образование и агресивната контрола. Поминаа повеќе од 50 години откако комисијата на Кернер препорача да се спроведе широк федерален проект за укинување на сегрегацијата, а Линдон Џонсон го потпиша Законот за праведно домување. Поедини полициски оддели беа реформирани по жестоките протести, но за реформи на национално ниво е потребно лидерство. Се чини дека под власта на Трамп ваквите шанси се мали. Ако овие протести се прошират наскоро, а коренот на проблемот не се реши, тогаш порано или подоцна тие повторно ќе се појават.

Превод: Билјана Здравковска