Исповед на акушерка на Исламска држава: За секое породување се надевав дека ќе биде последно

6311

Со помошта на Самира ал-Наср (66) беа родени илјадници бебиња во текот на претходните четири децении во сирискиот град Рака, но таа вели дека ништо не може да се спореди со нејзиното искуство како акушерка на Исламската држава (ИД) во изминатите две години, кое го опишува како гротескно, пренесува „Вашингтон пост“.

Веднаш по раѓањето на детето на турски борец на ИД, родителите се обиделе да го облечат новородениот син во војничка униформа. Таткото гордо истакнал дека и неговиот наследник ќе биде исламистички милитант. Тоа ја разлутило Наср, која сепак, успеала да го одврати од намерата за облекување на синот.

– Тие немаа никаква почит кон професијата. Јас бев своевиден реквизит, а не негувателка. Ги извршував породувањата, а потоа ме бркаа надвор – се сеќава Наср.

Децата на калифатот, исто така, биле третирани како предмети, според Наср. Тие биле во главните улоги на пропагандните видеа на терористичката организација, во кои биле прикажувани како се молат, за време на обуката за ракување со оружје, а дури и како ги егзекутираат луѓето што се одредени за непријатели на ИД.

Таа вели дека жените честопати биле среќни што станале мајки и покажувале грижа за децата, но нивните сопрузи наметнувале строги правила. На пример, Наср не смеела да им даде лекарства на жените при породувањето, и покрај тоа што чувствувале болки. Сопругите на ИД вообичаено биле на возраст од 13 до 18 години.

Наср е лута и огорчена поради нејзината улога во остварување на целта на калифатот за „опстанок и проширување“. Таа истакнува дека се обидела да се спротистави на ИД, но не можела, бидејќи во тој случај се соочувала со затвор или со егзекуција. Нејзиниот сопруг завршил во затвор откако се обидел да му помогне на сосед што ги прекршил правилата на озлогласената полиција на ИД. Синот на Наср, кој бил лекар, загинал во воздушен напад.

– Каков избор имав? Работев и против својата волја. Не е важно ниту дали чувствував страв и гадење. Бев приморана да им помогнам. Тие не беа луѓе, туку суштества од некаков друг вид – објаснува Наср, која за секое породување „се надевала дека ќе биде последно за неа“.

ИД ги наплаќала породувањата 20 долари, односно 50 долари доколку биле со царски рез.