Исламска држава презеде одговорност за ракетирањето на Баграм

164

Терористичката Исламска држава ја презеде одговорноста за ракетирањето на американска воена база во близина на Кабул, пренесува РТ. Во инцидентот нема жртви, но нападот доаѓа во услови на чувствителна размена на затвореници со Талибанците.

Ракетите биле истрелани во утрово од возило паркирано во блиската област Калача, соопшти портпаролот на авганистанското Министерство за внатрешни работи.

Автомобилот изгорел по нападот, но фотографии од местото на лансирање покажуваат решетка со пет проектили скриена во багажниот простор на јагленисаниот автомобил.

Нападот доаѓа откако авганистанската влада продолжи со ослободување на талибанските затвореници договорено како предуслов за мировни преговори со милитантното движење. Околу 100 борци беа ослободени во средата, а друга група требаше да биде ослободена во близина на Баграм.

Од владата се бара да ослободи 5.000 талибански затвореници, а Талибанците во замена ослободиле 1.000 припадници на авганистанските безбедносни сили. Сепак, има несогласување околу постапката и дали високи талибански команданти ќе бидат опфатени со договорот.