Исламска држава може да се сврти кон Индија по поразите на Блискиот Исток

42

По претрпените порази на Блискиот Исток, терористичката Исламска држава (ИД) сега може да се сврти кон Индија, организирајќи подземни ќелии во различни држави од втората по големина земја во светот, предупредува локалната разузнавачка агенција, пренесува РТ.

Индија стана поранлива на заканата од терористички напади инспирирани од ИД, според НДТВ, цитирајќи три разузнавачки писма испратени до шефовите на полицијата во државата Керала.

-По губењето на територијата во Ирак и Сирија, ИД ги повикува оперативците да почнат насилни форми на џихад додека престојуваат во своите земји- пишува во едно од писмата.

Терористичката група, исто така, може да ги таргетира клучните инсталации во Кочи, најнаселен град во Керала со 2 милиони луѓе, се вели во друго писмо. Локалните полициски службеници проценуваат дека околу 100 жители на Керала се приклучиле на ИД во изминатите неколку години, а околу 3.000 биле дерадикализирани и сега се под надзор.

Јужната држава лежи во близина на Шри Ланка, каде што терористичките напади во април резултираа со смрт на повеќе од 250 христијани кои го славеа Велигден.

Веста е објавена откако едно гласило поврзано со ИД, наводно, објавило за создавањето на Вилаја ал-Хинд или „Индиска провинција”. Кусо потоа, терористичката група соопшти дека воспоставила дополнително упориште наречено „Вилаја Пакистан”.

ИД предизвика хаос во Сирија и Ирак, каде што воспостави „калифат” и наметна строги правила на шеријатот. Сега, групата проопаѓа во регионот по успешните кампањи на сириските владини сили поддржани од Русија и ирачката војска поддржана од САД.