Исламистичките групи продолжуваат да сејат смрт низ Буркина Фасо

79

Најмалку 36 луѓе се убиени во терористички напад на пазар во Буркина Фасо, во провинцијата Санматенга, соопшти Владата.

Како што се наведува, вооружени милитанти влетале во понеделникот на пазар во Аламоу, каде пукале во луѓе и го запалиле целиот пазар.

– Овие зачестени напади на недолжни цивили се знак дека е потребна вистинска соработка на одбранбените и безбедносните сили – се наведува во владиното соопштение.

Претседателот на Буркина Фасо, Рош Марк Каборе, повика на одбележување дводневна жалост поради нападот, додавајќи дека засега уште не е познато кој стои зад овој злосторнички чин.

Исламистичките групи поврзани со Ал каеда и Исламска држава изминатите месеци изведоа низа напади на цивили и воени цели, вклучително и минирање на конвој во ноември минатата година, кога загинаа речиси 40 луѓе.

Буркина Фасо едно време претставуваше ретко упориште на мирот во западна Африка, но тоа се промени со значаен пораст на џихадистичко насилство во соседен Мали.