ИСИС се буди и се заканува

205

ВОЗНЕМИРУВАЧКИ ПРЕДУПРЕДУВАЊА ОД ОН И ОД СВЕТСКИТЕ МЕДИУМИ

Најновиот извештај на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) предупредува дека наскоро екстремистите од Блискиот Исток на Исламска држава (ИД) може да ја прекинат паузата со терористички напади на меѓународно ниво и повторно да се вратат на сцената со нов можен бран од напади што би можеле да се случуваат пред крајот на 2019 година. Во меѓувреме голем број светски медиуми изминатиов период информираат дека џихадистите на поразената Исламска држава повторно му се закануваат на Западот. Стравувањата ги зголемуваат и отворените закани што доаѓаат од терористичката организација, која преку интернет најавува нови крвопролевања и терористички напади, а како цели ги истакнува Лондон, Њујорк и Сан Франциско. „Знајте, крстоносци, нашите воини се насекаде!“, пропагираат терористите на ИСИС, кои за својата заканувачка кампања користат и постери, а финансии обезбедуваат и преку продажба на уметнички дела и вредни историски артефакти преку интернет и социјалната мрежа Фејсбук. Во продолжение, низ четири сегменти, сублимирано ги пренесуваме најзначајните информации поврзани со повторното реактивирање на опасната терористичка организација


Нов бран напади пред крајот на 2019-та

Во последниот извештај на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) се предупредува дека наскоро екстремистите од Блискиот Исток на Исламска држава (ИД) може да ја прекинат паузата со терористички напади на меѓународно ниво и повторно да се вратат на сцената со нов можен бран од напади што има опасност да се случуваат пред крајот на 2019 година. Во извештајот, експертите на ОН ја опишуваат вознемирувачката слика за глобалниот џихадизам, кој и понатаму претставува значајна закана, иако неодамна на терен воено беше поразен. Авторите на документот изразуваат загриженост дека 30.000 странци што му се приклучиле на Калифатот сѐ уште може да се активни и да не се загинати во битките на Блискиот Исток. Натаму, во документот пишува дека некои од борците на ИД во иднина може да ѝ се приклучат на Ал-каеда или на други нови терористички организации, а можно е дури и овие луѓе да станат лидери на милитантни организации или да дејствуваат како регрутери што ќе ги радикализираат другите.

Извештајот своите заклучоци ги темели на информации што ОН ги дава од разузнавачките агенции до земјите-членки на организацијата.
– Иако географски Калифатот (Исламска држава) можеби повеќе не постои, државите членки се согласуваат дека има многу скриени фактори што укажуваат на тоа дека групата сè уште работи и дека таа и натаму се заканува со своето дејствување. Иако имало помалку успешни напади од 2015 и 2016 година, кога екстремистите масакрирале стотици луѓе во Франција, Белгија и во Германија, заканата во Европа „останува голема“ – стои во публикацијата на ОН.


Жени повратници од ИД се обидуваат да се вратат во регионот

Стотина жени што се приклучиле во редовите на Исламската држава (ИД) во моментов од Блискиот Исток се обидуваат да се вратат назад во матичните држави. Оваа информација неодамна ја публикуваа регионалните медиуми.

Според порталот „1000посто.хр“, во моменти кога ИД беше во врвот на својата моќ и дејствување и кога таа беше под раководство на Абу Бакар Ал-Багдади во периодот од 2014 година, па до 2016 година, приближно 4.500 жени од странство им се придружиле на нивните редови во Блискиот Исток. Магазинот додава дека меѓу овие илјадници жени, седум потекнувале од Хрватска, а најпознат случај за државата бил оној со загрепчанката Дора Билиќ, која до Сирија стигнала патувајќи авионски преку Босна и Англија. Во својот осврт на случувањата, интернет-порталот потсетува дека вакви слични примери во кои девојки и жени заминувале да живеат на Блискиот Исток имало многу од регионот, а слични случувања се регистрирани во Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Косово. Последните официјални информации велат дека вкупната бројка вакви случаи на жени од регионот не ја надминувала бројката од 60.


Закани кон Западот упатени преку постери

Голем број светски медиуми изминатиов период информираат дека џихадистите на поразената Исламска држава повторно му се закануваат на Западот.
Според објавите, терористичката организација на интернет најавила нови крвопролевање и терористички напади, а како цели ги истакнала Лондон, Њујорк и Сан Франциско.

Според пишувањата на интернет-порталот „1000посто.хр“, овој пат, заканите не беа вообичаено изразени преку видео, туку на застарен начин, преку објавени постери што потсетуваат на оние за холивудските спектакли.
– Се чини дека нивниот буџет за „рекламирање“, односно сеење страв и омраза на мрежата е намален откако Исламската држава беше поразена – истакнува медиумот.
На еден од овие постери, врз фотографија на Њујорк се напишани грозоморните начини на кои терористите планираат да ги нападнат своите цели, а со помош на фотомонтажи се отсликуваат моменти во кои борците на ИД, носејќи бомби во ранци, се закануваат дека ќе го уништат градот. Друг, пак, отсликува терорист што, на идентичен начин, со ранец стои во непосредна близина на историски обележја во Лондон, односно Биг бен и Вестминстер.

Во еден од серијата објавени постери за можни цели на терористите е отсликан запис на кој пишува: „Дали навистина мислите дека не успеавме? Дали навистина мислите дека нашите борци ќе се предадат? Знајте, крстоносци, нашите воини се насекаде!“. На оваа тема британскиот весник „Сан“ заклучува дека овие пропагандни постери биле објавени од разгранок на терористичката организација ИД во Индонезија, а биле пресретнати од безбедносните служби во моменти кога милитантите комуницирале меѓу себе со интернет-апликацијата „Телеграм“.
Според „Сан“, овие случувања може да се окарактеризираат како знаци што алармираат дека ИСИС на светската сцена повторно се буди.


Терористите на Фејсбук продаваат уметнички дела

Продавајќи уметнички дела и вредни историски артефакти преку интернет и социјалната мрежа Фејсбук, милитантите на терористичката организација Исламска држава на црниот пазар собираат средства за финансирање на терористичките операции во светот. Магазинот „Експрес“ на оваа тема пишува дека регионот на Западен Балкан во светски рамки е еден од водечките делови на светот низ кој минуваат маршрутите на украдени уметнички дела. Според медиумот, во минатото главни центри од кои извирала нелегалната трговија со овие вредни уметнички дела биле Грција и Италија, но во изминатиот период состојбата се променила и во земјите од Балканот овој тип на шверц пораснал за 25 проценти.

Весникот информира дека операциите ги водат бугарските криминалци, а Србија и Хрватска се двете главни транзитни држави каде што минуваат уметничките дела.
На оваа тема хрватското МВР соопшти дека тамошната полиција во неколку наврати запленила многу вредни уметнички дела, кои се проценуваат на вкупна вредност од 2,2 милиони куни, а историските артефакти во Хрватска пристигнале од државите во соседството иако нивното потекло е од земјите на Блискиот Исток, Турција, Грција и Црно Море.

Магазинот потсетува дека истрагата за шверцот покажала дека некои од запленетите антички богатства биле продавани во затворени групи на социјалната мрежа Фејсбук.
На оваа тема британски „Би-би-си“ побарал одговор од Фејсбук дали водачите на социјалната мрежа прават нешто за справувањето на овој шверц.
Од компанијата одговориле дека тие досега избришале најмалку 49 групи што вршеле шверц и препродажба на различни работи, но додале дека нивниот број од ден на ден сѐ повеќе се зголемува.