Иран се откажува од нуклеарниот договор

88

Оваа мерка е преземена затоа што не успеавме да го постигнеме резултатот што го посакувавме, во контекст на тековната дипломатска иницијатива на Франција да го спречи од пропаѓање нуклеарниот договор, постигнат во јули 2015 година во Виена, порача иранскиот претседател Хасан Рохани

Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека наредил напуштање на сите ограничувања во нуклеарното истражување и развојот на оваа технологија во земјата. Со тоа почнува „третата фаза“ од планот на иранските власти за намалување на нуклеарните обврски на Иран, што произлегоа од договорот со меѓународните сили од 2015 година, пренесуваат светските медиуми.
– На Организацијата за атомска енергија ѝ е наредено да ги преземе сите потребни истражувања и чекори во развојот и да ги напушти сите преземени обврски во оваа област. Оваа мерка е преземена затоа што не успеавме да го постигнеме резултатот што го посакувавме, во контекст на тековната дипломатска иницијатива на Франција да го спречи од пропаѓање нуклеарниот договор, постигнат во јули 2015 година во Виена – порача Рохани.

Изјавата на иранскиот претседател следува непосредно откако американскиот претставник за Иран, Брајан Хук, ја отфрли идејата за „ставање надвор од сила“ на санкциите на САД против Иран, за да се овозможи кредитната линија од 15 милијарди долари, за која беше разговарано со европските земји-потписнички на нуклеарниот договор. Иранските власти претходно сигнализираа дека се подготвени повторно во целост да го почитуваат нуклеарниот договор во замена за кредитната линија, а крајниот рок за постигнување на договорот со европските земји истекува претстојниот викенд.

Франција, Германија, Британија и Иран изминатите неколку дена преговараа за тоа како да се спаси меѓународниот договор од 2015 година, кој е доведен во прашање уште од мај 2018 година, кога САД еднострано се повлекоа од него.
Реагирајќи на изјавата на Рохани, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара да се зголеми притисокот врз Иран.

– Бевме информирани за уште едно нарушување и за уште поголемо игнорирање од страна на Иран, овој пат во неговата желба да добие нуклеарно оружје. Тоа одговара на агресивните чекори на Иран против меѓународната пловидба и против земјите во регионот, а одговара и на неговите напори да почне напади на Израел. Сега не е време за преговори со Техеран. Сега е време за зголемување на притисокот врз Иран – порача Нетанјаху.


Израел ќе нападне и без дозвола од САД?

Израелските власти во моментов ја разгледуваат опцијата за воен напад на Иран, без разлика на тоа дали за акцијата ќе добијат одобрение од САД. Тие веруваат дека американскиот претседател Доналд Трамп може да донесе одлука да не се спротивстави на таквиот напад, за разлика од неговиот претходник Барак Обама, пишува „Њујорк тајмс“.
Весникот не прецизира кои цели Израел разгледува да ги нападне, но наведува дека „јастребите“ во Израел и во САД повеќе од една деценија се залагаат за војна против нуклеарната програма на Исламската Република.
– Израел со години активно се подготвуваше за напад на иранските нуклеарни објекти и во 2012 година беше многу блиску да ги спроведе. Израелскиот премиер ѝ се закануваше на администрацијата на Обама дека ќе изврши напад. Токму овие притисоци и закани го принудија американскиот претседател да ги забрза преговорите со Техеран, кои на крајот доведоа до нуклеарниот договор со големите сили од 2015 година – заклучува „Њујорк тајмс“.


Ердоган: Неприфатливо е да ни забрануваат нуклеарно оружје

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека е неприфатливо државите што имаат нуклеарно оружје да ѝ забрануваат на Турција да го поседува таквото вооружување. Ердоган меѓутоа не прецизира дали Турција навистина го има во план тоа, пренесува Ројтерс.
– Некои земји имаат ракети со нуклеарни боеви глави, и тоа не една или две. Но ни зборуваат дека не можеме да ги имаме. Тоа не можам да го прифатам. Не постои развиена земја на светот што не поседува нуклеарно оружје – порача турскиот претседател.
Турција во 1980 година го потпиша договорот против ширење на нуклеарното оружје, а во 1996 година го ратификува договорот за сеопфатна забрана на нуклеарните проблеми.


Вашингтон нудел милиони долари за предавање на иранскиот брод?

Американскиот Стејт департмент му понудил неколку милиони долари на капетанот на иранскиот танкер, во замена за застанување на бродот на локација каде што САД би можеле да го запленат, пренесува Би-би-си.
Американскиот претставник за Иран, Брајан Хук, преку и-мејл ја испратил понудата до капетанот на танкерот „Адријан Дарја“, претходно познат и како „Грејс 1“. Но иранскиот капетан ја игнорирал пораката од Хук.
Иранскиот танкер беше запленет кај Гибралтар од британската морнарица, но по повеќенеделни преговори беше ослободен, по што преку водите на Грција и Турција се упати кон Либан.