Иран нападна бази на САД, ќе ескалира ли судирот?

336
Остатоци од неексплодиран ирански проектил кај ирачката база во Ирбил

Ракетирањето на базите во Ирбил и во Ал Асад претставува најдиректен ирански напад против САД, по заложничката криза во американската амбасада во Техеран во 1979 година. Иранската Револуционерна гарда соопшти дека нападот е одмазда за смртта на Сулејмани, кој во петокот беше убиен во напад со беспилотно летало надвор од аеродромот во Багдад

Иран ракетира две воени бази во Ирак, каде што се стационирани американски и коалициски војници, во знак на одмазда за ликвидацијата на иранскиот генерал Касим Сулејмани. Во ракетните напади биле истрелани околу 22 балистички проектили, но засега нема информации за жртви помеѓу американските војници. Првичната реакција на Вашингтон беше смирена, а претседателот Доналд Трамп порача дека „сѐ е во ред“ и дека се прават процени за штетите и за евентуалните жртви. Од друга страна, иранскиот врховен лидер, ајатолахот Хамеини, изјави дека нападот е „шлаканица“ во лицето на САД и побара крај на американското воено присуство во регионот. Информациите од теренот говорат дека нападите биле добро испланирани за да се избегнат американски жртви, бидејќи цел на ракетирањето биле две воени бази што веќе го имаа зголемено нивото на тревога, пренесуваат светските медиуми.

Ракетирањето на базите во Ирбил и во Ал Асад претставува најдиректен ирански напад против САД, по заложничката криза во американската амбасада во Техеран во 1979 година. Иранската Револуционерна гарда соопшти дека нападот е одмазда за смртта на Сулејмани, кој во петокот беше убиен во напад со беспилотно летало надвор од аеродромот во Багдад и тоа по наредба на претседателот Трамп. Министерот за одбрана, пак, Амир Хатами се закани дека иранскиот одговор на секоја одмазда од САД ќе биде пропорционална на американската акција, додека, пак, шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф порача дека нападот бил самоодбрана и оти не сака ситуацијата да ескалира во војна.

Од друга страна, претставници на Пентагон изјавија дека нема жртви помеѓу американските војници. Причина за тоа, според нив, е што американските сили во овие бази биле предупредени за претстојниот напад и имале доволно време да се засолнат во специјалните бункери. Би-би-си исто така наведува дека нападите биле добро испланирани за да бидат предизвикани што е можно помалку жртви, бидејќи и покрај нивната реторика, ниту САД, ниту Иран не сакаат поголем конфликт или отворена војна. Во првата реакција, и Трамп се обиде да го намали значењето на нападите, кои, според „Гардијан“, се полни со симболизам, бидејќи биле извршени во истиот период од ноќта кога беше и ликвидиран влијателниот ирански генерал Сулејмани. Според британскиот весник, доколку остане првичната реакција и процена на Трамп за штетата од ракетирањето, тогаш нападите би можеле да бидат шанса и двете страни да ја деескалираат ситуацијата без да го „извалкаат образот“. Па, така, Иран ќе може да тврди дека насилно се одмаздил за смртта на Сулејмани и дека ќе се фокусира на кампања со војна преку посредници против многу помоќниот непријател.

САД исто така ќе можат да се повлечат чекор назад, отфрлајќи ги одмаздничките напади како безначајни. Но ова најоптимистичко сценарио се заснова врз две ризични претпоставки – дека во иранските напади врз базите во кои се сместени американски војници нема предизвикано значителна материјална штета или жртви и дека Белата куќа ќе успее да одолее на повиците за енергичен одговор против Иран.

И додека се чекаат конечните процени за штетите и следниот чекор на Трамп, од повеќе европски престолнини пристигнаа критики за иранските напади. Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп Каренбауер ги оцени нападите како агресија и ја повика иранската страна да н поттикнува понатамошна ескалација. Истовремено, шефот на британската дипломатија Доминик Раб побара од Иран да не ги повторува „непромислените и опасни напади и да се посвети на деескалација“. Раб предупреди дека војна во тој регион би била од корист само на Исламската држава и другите терористички групи. Се огласи и Европската комисија, која побара итно ставање крај на употребата на оружје во конфликтот помеѓу Иран и САД на Блискиот Исток.


Техеран располага со над 500.000 војници и голем број балистички проектили

Иран располага со активен воен персонал од околу 523.000 лица, од кои 350.000 се дел од регуларната армија и најмалку 150.000 припадници на Исламската револуционерна гарда. Покрај нив, и околу 20.000 припадници на морнарицата на гардата, која располага со голем број вооружени патролни чамци во Ормутскиот Теснец, каде што лани беа регистрирани повеќе инциденти со странски танкери со нафта, оценува Меѓународниот институт за стратегиски истражувања.
Кога станува збор за ракетниот арсенал, американското министерство за одбрана смета дека иранските ракетни сили се најголеми на Блискиот Исток, и се состојат од стотици проектили со краток и среден дострел. Иран исто така ја тестира и вселенската технологија, која може да му овозможи и развој на интерконтинентални балистички проектили со многу поголем дострел.