Иран ги условува можните преговори со САД

63

Советникот на иранскиот претседател Хасан Рохани, Хамид Абуталеби денеска изјави дека секои идни преговори со САД ќе мора да одат во насока на тоа двете земји да се вратат на нуклеарниот договор, што беше постигнат во 2015 година меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за бебзедност на ОН плус Германија.

– Почитување на големата иранска нација, ограничување на непријателските активности и повторно почитување на нуклеарниот договор од страна на САД, ќе го расчисти нерамниот пат пред нас – оцени Абуталеби.

Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на мај донесе одлука за повлекување на САД од договорот, велејќи дека со него Иран добил големи финансиски средства, преку ублажување на санкциите, кои ги користел за воени дејствија низ Блискиот Исток, а во исто време не се откажал од нуклеарната програма.

Трамп вчера изјави дека е подготвен да се сретне со иранските лидери кога тие ќе посакаат, без предуслови.

– Ако сакам да се сретнам со нив, ќе се сретнам. Би се сретнал со кого било. Јас верувам во средби – изјави Трамп на вчерашната прес конференција.

Во коментари на социјалната мрежа Твитер, иранското Министерство за надворешни работи сепак објави дека „не гледа многу можности“ за преговори со актуелната американска Администрација.