Иранскиот гнев кон „големата сатана“ не стивнува

814

Поради постапките на Трамп во однос на Иран, Америка и во иднина ќе ја задржи репутацијата на сатана

Њузвик

Автор: Дејвид Бренан

Државно организирани митинзи се одржаа во понеделникот во Иран по повод одбележувањето на 40-годишнината од упадот во американската амбасада во Техеран, кога активисти полни со револуционерен ентузијазам сакаа да го отстранат американското влијание од преродената држава.

Следниот ден, врховниот лидер, ајатолахот Рухола Хомеини, јавно ја прогласи Америка за „голема сатана и ранета змија“. Револуцијата, во која еден од поистакнатите слогани беше „смрт за Америка“, го собори од власта неомилениот шах Мохамед Реза Пахлави кој самиот се постави на функцијата во државниот удар помогнат од Западот во 1953 година.

Иран ја одбележа 40-годишнината од упадот во американската амбасада во Техеран

Објектот на амбасадата во Техеран не е затворен, иако ѕидовите околу неа сега се испишани со антиамерикански графити и мурали. Во самата амбасада се наоѓа музеј наречен Американското дувло на шпионажата. Поранешната дипломатска мисија претставува симбол на антипатија и недоверба што ги наруши односите меѓу САД и Иран уште по револуцијата. Покрај неколку светли моменти, односите и ден денес се непријателски.

Изминативе 40 години беа одбележани со неколку важни настани. Заложничката криза веднаш ги наруши односите меѓу Исламската Република Иран и САД. Тензиите траеја 444 дена, а во тоа време, американските сили се обидоа да спроведат спасувачка мисија која заврши со катастрофални последици, при што загинаа осуммина американски војници.

Американската поддршка за ирачкиот претседател Садам Хусеин за време на неговата долгогодишна и крвава војна со Иран го нагласи презирот на Вашингтон кон новиот режим во Техеран.

Во 1980-тите години исто така се случија ирански финансирани напади на американски цели во Либан и во Саудиска Арабија, во кои загинаа стотици Американци, а беше и соборен ирански патнички авион од страна на американски крстосувач за време на „танкерската војна“ во периодот на иранско-ирачкиот конфликт, во кој американските сили постојано се судираа со иранските.

Новиот век не донесе олеснување. Терористичките напади од 11 септември уште повеќе ја вовлекоа Америка на Блискиот Исток, а тоа што претседателот Џорџ Буш помладиот го вклучи Иран во неговата таканаречена „Оска на злото“ само ги погреа стравовите дека државата може да биде следна на неговата листа за воени дејствија.
Како што американските сили сè повеќе тонеа во хаосот на ирачката окупација, Техеран беше повеќе од среќен да ги обучи, финансира и вооружи паравојските кои убиваа американски војници преку границата.

Покрај долгогодишното непријателство, претседателот Барак Обама во текот на своите два мандати забележа еден од неколкуте светли моменти во историјата на односите меѓу САД и Исламската Република Иран.

Во 2015 година, двете нации го потпишаа Заедничкиот сеопфатен план за акција (Иранскиот нуклеарен договор) со кој се воведоа рестрикции на иранската нуклеарна програма во замена за намалување на острите меѓународни санкции.

Оттурнувањето на Иран

Но надежите за нова ера на соработка се покажаа како наивни. Негативните реакции на конзервативците во двете држави, заедно со скептичните регионални американски сојузници, го оспорија договорот, а економските придобивки од олеснувањето на санкциите многу бавно се забележаа кај иранскиот народ.

Изборот на претседателот Доналд Трамп послужи како последен удар за Иранскиот нуклеарен договор и покрај напорите на другите потписници да го одржат договорот. Како жесток противник на Обама, на мултилатерализмот и на Иран, Трамп никогаш не го криеше незадоволството од договорот и затоа лани во мај ги повлече САД од истиот.

Другите потписници продолжија со поддршката за договорот, иако беа ограничени во нивните капацитети да го ублажат ударот од последователни американски санкции. Откако се разгневи, иранскиот режим презеде мерки повторно да ги врати во функција нуклеарните капацитети што претставува кршење на Иранскиот нуклеарен договор што ѝ даде уште повеќе причини на администрацијата на Трамп да не соработува.
Ели Геранмаје, висока политичка соработничка во Европскиот совет за надворешни односи, за „Њузвик“ изјави дека Трамп претставува „огромно уназадување во секакво зближување на односите или помирување меѓу Техеран и Вашингтон.

Трамп постојано вели дека сака да постигне нов договор со Техеран, но Геранмаје истакна дека неговите „чекори и однесување уште повеќе го оттурнаа Иран“.

Од ваквата состојба исто така корист извлекоа иранските тврдокорни, од кои повеќето никогаш не веруваа дека Вашингтон ќе ги исполни ветувањата. Во 2015 година победија умерените. Но четири години подоцна, Иран не може многу да се пофали со своите напори, а како што покажуваат доказите, не го ни почитува Иранскиот нуклеарен договор.

Администрацијата на Трамп е остварување на иранската анти-американска пропаганда. Секогаш присутната потреба на режимот за надворешен непријател само се „потврди“ со Белата куќа и ја зацврсти теократската држава на Техеран, која во изминатите неколку години покажа големи пукнатини во обединетата слика. 

Бавната смрт на Иранскиот нуклеарен договор ги зголеми тензиите на Блискиот Исток. Беа бомбардирани танкери, американски и сојузнички капацитети станаа цел на напади, а беше соборен и американски дрон. САД наводно беа на раб да извршат напади на ирански воени позиции, но Трамп ги отповика воздухопловните сили во последен момент.

Генерациска штета

Многу надежи имаше во иранското младо, либерално и доброобразовано население. Многу набљудувачи и политичари се надеваа дека овој општествен слој ќе ја преземе контролата, додека полека изумираше револуционерската генерација на државата, а воедно ќе послужи и како лек за нарушените односи со Западот.

Но фијаското со Иранскиот нуклеарен договор сè уште може да го наруши ваквиот теоретски напредок, со што би се заживеало анти-американското чувство што повеќе ќе биде поттикнато од национализмот отколку од верскиот фанатизам.

Ако Трамп навистина сака нов нуклеарен договор, тогаш времето не работи на негова страна. Трката за претседателските избори закажани за догодина веќе почна да ги полни американски насловни страници, а Трамп сè повеќе е зафатен со истрагата за импичмент на Демократите. Во меѓувреме, Иран одбива да започне нови преговори. Нема да има брзо решение на проблемот. Процесот за Иранскиот нуклеарен договор започна во 2000 година, за кој беа потребни неколку администрации и неуспешни преговарачки рунди за на крај да биде постигнат успех. Обама и иранскиот претедател Хасан Рохани постигнаа договор со големи компромиси, но Геранмаје предупреди дека „ќе треба да поминат години пред повторно да видиме таква спогодба“.

Превод: Билјана Здравковска