Иранскиот врховен водач помилува илјадници затвореници

39

Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи помилува илјадници затвореници, вклучувајќи 32 активисти и други обвинети за загрозување на „безбедноста“.

Веб-страницата за правда „Мизанонлајн“ објави дека 32 затвореници биле претежно новинари и студенти, без да се дадат дополнителни детали, пренесува АП.

Помилувањето на повеќе од 3.500 затвореници следи по исламскиот празник со кој се одбележува роденденот на пророкот Мухамед. Помилувањата не се однесуваат на затвореници кои се осудени за вооружено спротивставување на државата.

Во извештајот се вели дека помилувањето го барал шефот на иранската правда, ајатолах Ибрахим Раиси, влијателен верски службеник меѓу иранските конзервативци. Во февруари, Хамнеи помилуваше повеќе од 50.000 луѓе, што е најголем број досега, во чест на 40-годишнината од Исламската револуција што ја собори прозападната монархија во земјата.