Индија успешно евакуираше 1,2 милиони луѓе поради циклонот „Фани“

91

Индија ја прогласи за успешна евакуацијата на повеќе од еден милион луѓе поради доаѓањето на тропскиот циклон „Фани“.

Но, и покрај големите напори на властите, меѓу осум и 12 лица загинаа во југоисточната сојузна држава Одиша, која вчера беше погодена од силната бура, јавува Би-би-си. Во најсилните моменти, „Фани“ донесе поројни дождови и ветрови со брзина до 200 километри на час.

Официјалните лица рекоа дека доколку не се организирале масовните евакуации, бројката на загинати би била многу повисока. Повеќе од еден милион луѓе беа евакуирани и во Бангладеш поради доаѓањето на моќниот циклон, кој сега полека ја губи својата сила.

Циклонот „Фани“ и бурата која ја донесе се сметаше за една од најсилните во последните години. Временската непогода предизвика сериозни штети во источните делови од Индија.

Главниот испектор на полицијата во Одиша, Арун Ботра, ги пофали напорите за евакуација на населението.

– Има многу големи штети, но за среќа, владата успеа да евакуира 1,2 милиони луѓе. Евакуацијата беше успешна и има малку жртви – рече Ботра.

Следиот чекор е враќање на луѓето во нивните домови и реизградба на срушените домови и инфраструктура.