Индија со закон ги забрани електронските цигари

53

Индија денеска најави забрана за електронските цигари со образложение дека таквата консумација на производи со тутун претставува здравствен ризик, особено за младите луѓе, пренесува Си-ен-ен.

– За жал, е-цигарите првично беа промовирани како добар начин за откажување од пушењето. Тие требаше да им помогнат на пушачите да се откажат од пушењето – рекла индиската министерка за финансии, Нирмала Ситараман.

Таа додала дека Владата одлучила дека дошло време да ги преземе неопходните мерки за да не се загрози здравјето на граѓаните.

Ситараман објаснила дека индиските власти биле загрижени од информациите за смртта на седум лица во САД поради заболувања на белите дробови поврзани со употреба на електрични цигари. Инаку, неколку стотици луѓе се лекуваат од болест на белите дробови во 36 држави во САД, а научниците и медицинските установи испитуваат точно како оваа болест е поврзана со употребата на е-цигари.

Министерката за финансии рекла дека ќе биде издадена итна уредба во наредните неколку дена со која ќе се забрани употребата на електрични цигари. Уредбата потоа ќе биде одобрена од парламентот и ќе се претвори во закон.

Забраната ќе ги опфати производството, увозот, извозот, транспортот, продажбата, дистрибуцијата, складирањето и рекламирањето на е-цигари.

Сторителите кои првпат ќе го прекршат законот ќе се соочат со затворска казна до една година и парична казна од 100.000 рупии (околу 1.270 евра). За повторно прекршување казната ќе биде до пет години затвор и парична казна од 500.000 рупии (околу 6354 евра).