Индија не се откажува од купувањето на рускиот „с-400“

197

Њу Делхи го платил авансот за набавката на модерниот руски ракетен систем и покрај притисоците и заканите со санкции од Вашингтон

Руските власти потврдија дека Индија го платила договорениот аванс за купување на модерниот одбранбен ракетен систем „с-400“. Вицепремиерот Јури Борисов порача дека Москва ќе му ги испорача на Њу Делхи ракетните системи во наредната година и пол. Првите информации околу авансот и почетокот на реализацијата на зделката, вредна 5,2 милијарди долари, беа обелоденети на неодамнешниот саем за авиони „МАКС-2019“, кој се одржа во близината на руската престолнина. Индиските планови за купување „с-400“ наидоа на остри критики од Вашингтон, кој му се закани на Њу Делхи и со санкции, наведува порталот „Геополитика“.

Индискиот премиер Нарендра Моди неодамна беше главен гостин на традиционалниот руски Источен економски форум во Владивосток. Моди оствари средба со рускиот претседател Владимир Путин, кој, пак, порача дека двете земји усогласиле голем пакет документи од билатерална природа и дека се постигнати договори во економско-инвестициската и воената сфера. Путин порача дека ќе следува и усвојување комплексна заедничка изјава за доверба, партнерство и надворешнополитичка координација помеѓу Индија и Русија. Рускиот лидер додаде дека ставовите на двете земја се многу блиски или се поклопуваат за повеќе клучни меѓународни прашања.

„Геополитика“ посочува дека властите во Њу Делхи се соочуваат со голем американски притисок и закани за санкции поради набавката на ракетниот систем, исто како што беше случајот и со Турција, која исто така купи неколку системи „с-400“. Анкара ги игнорираше овие притисоци и почна со операционализација на зделката со Москва, а целиот американско-турски спор за ова прашање внимателно го следеше и Њу Делхи. Порталот оценува дека ако Анкара успее да не попушти пред притисоците од Вашингтон, многу е веројатно истото тоа да го стори и Индија, која, за разлика од Турција, не е членка на НАТО, па нејзиното откажување од постигнатата зделка со Русија би изгледало уште подеморализирачко за стратегиските планови на оваа земја.

– Ако не се уплаши една Турција, како клучен американски воен сојузник во НАТО, која истовремено е неспоредливо помала и воено послаба од Индија, откажувањето на Владата во Њу Делхи од купувањето на „с-400“ би било рамно на кукавички чин, што не може да си го дозволи поради своите регионални, но и глобални амбиции – пишува „Геополитика“.

Проблемот за САД е уште поголем, бидејќи освен по имиџот, изборот на руски ракетни системи и воени авиони, за кои се одлучуваат сѐ повеќе земји што се традиционални купувачи на американско оружје, задава удар и на финансиските интереси на американската воена индустрија. Сето тоа се случува и покрај американскиот закон за санкции против руската државна компанија за извоз на оружје „Рособоронекспорт“ и сите оние што со неа имаат бизнис-зделки. Па, така, со руската компанија, помеѓу другите земји, соработуваат и Турција, Египет, Ирак, Саудиска Арабија, ОАЕ, Иран, Индија, Кина, Индонезија и Малезија.

Во таа насока, според „Геополитика“, Индија игра многу мудро, односно јавно го демонстрира правото на свој надворешнополитички суверенитет и самостојно носење стратегиски одлуки. За тоа најдобро говори и фактот дека Њу Делхи, најверојатно, како компензација за набавката на „с-400“, се одлучи и за купување повеќе американски воени авиони „ф-16“. Сето тоа укажува дека тенденцијата на Индија е јасна – добрите односи и соработка со сите клучни глобални актери се гаранција за стабилноста, додека, пак, со наклонувањето кон само една страна не останува многу избор, освен да слуша и да го спроведува тоа што таа страна го бара.