Индија не жали пари за избори

51

Индија наскоро ќе ги одржи најмасовните, а веројатно и едни од најскапите избори на светот (од 11 април до 19 мај), кои се проценува дека ќе чинат седум милијарди долари, што е повеќе од американските претседателски избори во 2016 година за кои беа издвоени околу 6,5 милијарди долари, пишува индиското издание на „Економик тајмс“.

Се предвидува зголемување на трошоците за 40 отсто во однос на петте милијарди долари вложени во индиските парламентарни избори од 2014 година. На тој начин ќе се издвојуваат отприлика осум долари по гласач во државата каде што 60 отсто од населението живее со приходи од три долари дневно.

– Најголем дел од зголемувањето на трошоците ќе се должи на користењето на социјалните медиуми, патувањата и на политичкиот маркетинг – објаснува Н. Башкара Рао, претседателот на Центарот за медиумски студии во Њу Делхи.

Се очекува зголемување на употребата на хеликоптери, автобуси и други превозни средства од страна на кандидатите и партиите.

– Индиските политичари сметаат дека треба да прават нови нешта, луди работи, поголеми и погласни. Станува збор за повеќемина кандидати во паника кои фрлаат пари наоколу кон гласачите, но и кон продавачите на се што може да биде корисно во политичката кампања – вели Сајмон Чочард, предавач на универзитетот „Колумбија“, кој ги следи индиските избори. 

Со повеќе од 8.000 кандидати кои се борат за 545 места во парламентот, постои голема конкуренција за придобивање на околу 900-те милиони гласачи на претстојните општи избори во Индија.