Има ли Хафтар уште некој трик, соочувајќи се со пропаста на неговите планови?

501
Халифа Хафтар претрпе серија порази во изминатите неколку недели

Либиската национална армија претрпе значително уназадување во изминатите неколку недели, како резултат на офанзивите на силите на меѓународно признаената влада (ГНА) кои ја вратија контролата врз неколку градови кои претходно успеа да ги заземе одметнатиот генерал Халифа Хафтар, пишува „Нешнл интерест“.

Рамнотежата на силите се смени во корист на владините сили предводени од премиерот Фајел ал Сараж, кои беа под притисок откако Хафтар ја почна неговата офанзива врз главниот град Триполи во април минатата година, благодарение на воената акција „Вулкан на гневот“ извршена од ГНА со турска помош, без која владините победи немаше да бидат можни. Во акцијата се интензивираа воздушните напади, главно од турските дронови, а ГНА на 18 мај објави дека дека ја врати контролата врз неколку градови, како и оти ја заземала воздушната база „ал Ватија“ која беше под контрола на силите на Хафтар уште од 2014 година. Владините сили потоа ја продолжија контраофанзивата заземајќи ги градовите во близина на границата со Тунис. Најтешкиот пораз на Хафтар се случи вчера, кога ГНА за само неколку часа успеа да ги избрка побунениците од Тархуна, последниот град на западот на државата кој беше под контрола на одметнатиот генерал.

Се чини дека мали се шансите на Хафтар да ја надмине низата на порази. Обидот на Хафтар да го заземе Триполи пропадна, а на неговите меѓународни поддржувачи изгледа им здодеа остсуството на флексибилност кај генералот, како и тешкотиите за соработка додека носеше одлуки на своја рака, како во случајот кога ги игнорираше руските и турските напори за примирје во јануари, напуштајќи ја Москва без да потпише договор.

Поддржувачите на Хафтар сметаа дека генералот ќе може брзо да се справи со ГНА, но по една година исполнета со неуспешни обиди за заземање на Триполи, контраофанзивата на владините сили ги поништи неговите освојувања, а би можела да придонесе и за губењето на добрата волја кон него од страна на Обединетите Арапски Емирати и Египет. Овие држави сега би можеле да го поддржат либискиот политичар Акила Салех кој неодамна имаше несогласување со Хафтар. Генералот го одби понуденото дипломатско решение на Салех за излез од кризата, отфрлајќи го клучниот договор за решението. Преговорите веројатно остануваат единствената реална стратегија за поддржувачите на Хафтар. Москва, пак, чека да го види развојот на ситуацијата, додека Франција се обиде да го убеди Хафтар да земе учество во мировни преговори, пред да ги загуби сите придобивки стекнати во офанзивата, според светските медиуми.