Има ли сила што може да го заузди одметнатиот генерал?

685
Халифа Хафтар заедно со неговите соработници

Автор: Фредерик Вери

Гардијан

Во Абу греин, град на либиската линија на фронтот, лузните на припадниците на локалните милиции зборуваат за војните кои беснееја во земјата по падот на Моамер Гадафи во 2011 година. Еден од борците, возач на камион по име Мухамед, има лузни на главата од шрапнели, кои ги добил во една борба против Исламската држава во либискиот град Сирт од 2016 година. Вели дека сега нов непријател го зазел Сирт, односно бунтовничките сили под команда на 76-годишниот амбициозен лидер по име Халифа Хафтар. Минатата недела, овие паравојски го нападнаа Мухамед и неговите луѓе, при што 11 од нив загинаа, воедно игнорирајќи го слабото примирје во долгогодишната војна која започна лани во април, со ненадеен напад од страна на силите на Хафтар на либискиот главен град.

Поранешниот армиски генерал од времето на Гадафи, кој дезертираше во 1980-тите години и стана лице од интерес на ЦИА, ја спроведе својата инвазија на Триполи по долгогодишните војни во источна Либија каде што ја создаваше својата моќ. Во нападот на послабиот, поточно меѓународно признаената Влада на национално единство (привремената влада на Либија) во главниот град, тој тврдеше дека ќе ја обедини земјата и ќе стави крај на паравојските. Во секој случај, привремената влада ја нема поддршката на народот поради неспособноста на администрацијата и бранењето на корумпираните паравојски. Но надежниот процес со поддршка на ООН требаше да ја замени владата и да се справи со заканата од паравојските пред офанзивата на Хафтар.

Постојаната потрага за моќ го поттикна подемот на Хафтар. Кога првпат се запознав со него во 2014 година, уште тогаш тој изјави дека има планови да го заземе Триполи и да ги отстрани сите исламисти со тоа што ќе ги стави в затвор, ќе ги прогони или убие. Тој се служеше со брутални тактики за да ги спроведе своите амбиции. Во 2015 година, неговите сојузнички паравојски во Бенгази извршиле брзи егзекуции и ги поттикнале племенските тензии. Иако еден од неговите поручници се соочува со налог за апсење за војни злосторства, Хафтар реши да го унапреди.

Војната што ја започна во Триполи предизвика сомнежи кај неговите поддржувачи. Далеку од брзата победа што ја вети, офанзивата беше пролонгирана и тешка. Во неа загинаа 2.000 лица меѓу кои стотици цивили, а стотици илјади беа раселени. Најалармантно е што конфликтот ги вовлече надворешните сили кои користеа високотехнолошки оружја – сè што е во спротивност на ембаргото за оружје на ООН.
Хафтар го поддржува блокот на авторитарни и антиисламистички арапски држави, како што се Обединети Арапски Емирати, Египет, Јордан и Саудиска Арабија. Улогата на Емиратите беше особено деструктивна, па така нивните дронови и авиони извршија стотици напади, според информациите на ООН, што резултираше со цивилни жртви. Исто така од клучно значење е и француската поддршка. Воден од погрешната ревност за доблестите на Хафтар за борбата против тероризмот и стабилизирањето на државата, Париз со години тајно му испраќаше воена помош.

Потоа тука се и стотиците руски платеници кои пристигнаа на фронтот во Трополи лани во септември, како помош за Хафтар за да се стави крај на ќор-сокакот. Иако Москва не се поврзува во целост со генералот, нејзината стратегија е да го охрабри и потоа да го вовлече во војната за да се постигне спогодба по нејзина желба. Но ова не течеше според планот, па така минатиот месец тој се повлече од состанокот за примирје што го организираше Москва.

Од друга страна ја имаме Турција чија влада одамна има несогласувања со блокот предводен од Емиратите. Кратко по нападот на Хафтар, Турција испрати дронови за привремената либиска влада, а во изминатите неколку недели испрати и илјадници сириски платеници заедно со турски разузнавачки кадар, системи за воздушна одбрана и артилерија. Но овој пат ова имаше своја цена: турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе понуди нова рунда на помош, само ако се склучи договор со привремената влада што ќе ѝ овозможи на Турција да ја прошири ексклузивната економска зона во источниот Медитеран.

Долгоочекуваниот меѓународен самит во организација на германската влада се одржа на почетокот од претходниот месец, но не успеа да го официјализира прекинот на огнот, иако Хафтар ефикасно ги поттикна преговорите. Во изминатите неколку дена, охрабрен од зголемениот наплив на оружје од Емиратите, тој повторно ја започна војната, го бомбардираше аеродромот во Триполи и граѓанските области, ги блокираше нафтените пристаништа што доведе до значителен пад во производството и ја влоши состојбата на Либанците. Ова е дел од притаената ескалација што може да го засили крвопролевањето во главниот град.

За да се спречи катастрофа, потребна е вклученост не само на една сила што ќе може да го заузди Хафтар.

– Хафтар нема да прифати прекин на огнот освен ако Америка не се вмеша – изјави еден командант од привремената влада.

Можеби е точно. Вашингтон треба да се откаже од тивката и понекогаш експлицитна поддршка за Хафтар олицетворена во ланскиот телефонски разговор од април меѓу Доналд Трамп и генералот за одобрување на нападот на Триполи.

Иако се намали ентузијазмот поради сојузот на Хафтар со Русите, сепак САД можат уште да бидат од помош, особено во области каде што Вашингтон има посебно влијание. Тука спаѓа спречувањето на нелегалниот обид на Хафтар за еднострана продажба на нафта на светскиот пазар, Емиратите да не ги вооружуваат неговите сили и да се поддржи резолуцијата за примирје на Советот за безбедност на ООН што ќе вклучува силни одредби против кршењето на ембаргото и злоупотребата на човековите права. Во меѓувреме, либискиот народ ќе продолжи да страда и постојано да се плаши од бомбашки и воздушни напади, 16-часовни прекини на струја и чувството дека некој друг од надвор одлучува за нивната судбина.

– Либија е како колач од кој сите сакаат да добијат дел – минатиот месец изјави градоначалникот на Јефрен, град во западниот планински дел на Либија.

Превод: Билјана Здравковска