Израел води во битката за колективен имунитет

136

Како резултат на раните напори за набавка на кандидатите за вакцини, брзиот процес на одобрување и ефикасната инфраструктура за нивно давање, некои влади веќе далеку водат во трката за масовна вакцинација на населението против ковид-19. Интернет-порталот „Нашиот свет низ податоци“ располага со информации колкав дел од населението е вакциниран во државите низ светот, а неговите откритија покажуваат дека Израел води во трката да го обезбеди посакуваниот колективен имунитет, кој се постигнува со 60-70 отсто од населението, за да се спречи ширењето на ковид-19.
Заклучно со 11 јануари, Израел потрошил 21,38 доза на 100 жители, што вкупно одговара на 1,85 милион жители. Досега земјата има највисока стапка за вакцинација против ковид-19, значително повеќе од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), со 11,8 дози на 100 жители, и Бахреин, со 5,44 дози на 100 жители. Велика Британија е на четвртото место, но бројките може брзо да се променат со оглед на тоа што темпото ќе се забрза откако беше одобрена и поевтината и пофлексибилна вакцина на „Астра Зенека“ и универзитетот „Оксфорд“. Во САД, стапката на вакцинација сега изнесува 2,72 дози на 100 жители.

Израел во моментов предничи во вакцинациската кампања, која започна на 19 декември и оттогаш дневно се користат околу 150.000 дози. Државата рано почна со кампањата, затоа што беше меѓу првите што ги резервираа и набавија дозите на вакцината на „Фајзер-Бионтек“. Вакцинацијата се одвива успешно благодарение на одличниот здравствен систем во државата и ентузијазмот меѓу населението. Директорот на израелското министерство за здравство Хези Леви порача дека имало толку позитивен одговор кај граѓаните за вакцината што ќе мора да го намалат темпото за да зачуваат дел од резервите на вакцините. Премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека брзината и успешноста на програмата ќе му овозможат на Израел да ѝ стави крај на пандемијата уште во февруари.