Израелците за жртвите во Газа: Се надевам дека секој истрелан куршум бил оправдан

1012

Израелецот Даниел Рахамим (63) имал четворица пријатели Палестинци меѓу гостите на неговата свадба во 1983 година. Тој се сеќава на сончањето на плажите во Газа и на пиењето чај во тамошната антикварница на неговиот пријател. Но, тоа беше одамна, пред Хамас и воените судири, како и пред поставувањето на оградата во Појасот Газа, што дава чувство дека се наоѓате во „затвор на отворено“, пишува „Њујорк тајмс“. Кога одекнаа истрели долж оградата, во понеделникот, кај Рахамим се јавиле измешани емоции.

– И ние чувствуваме болка кога слушаме за загинатите. Се надевам дека, барем, секој истрелан куршум бил оправдан – кажа Рахамим, еден ден по протестите во Газа во кои загинаа 60, а беа повредени околу 1.700 Палестинци, по повод преместувањето на амбасадата на САД од Тел Авив во Eрусалим, според палестинските власти.

Станува збор за најстрашниот биланс на загинати во еден ден, уште од војната во Газа во 2014 година. Според тамошните информации, само мал број од застреланите демонстранти биле вооружени. Американските медиуми пренесуваат оти трагичните настани предизвикале различни реакции, од чувстување на срам и жал, до мислењето дека „така им треба на Палестинците“.

Израелскиот писател и сценарист Етгар Керет се изненадил од реакциите на неговите соседи во Тел Авив, кога им кажал „каков ден“. Некои се согласиле, мислејќи дека тој зборува за преместувањето на амбасадата, додека други изразиле гордост поради неодамнешната победа на Израел на изборот за песна на Евровизија.

– Бев сигурен дека сите што ги сретнав ќе имаат мислење за случувањата во Газа, но повеќето од нив го коментираа фустанот на Иванка (Иванка Трамп присуствуваше на отворањето на амбасадата во Ерусалим – н.з.). Не знаев што да кажам, а чувствувате дека треба да кажете, помислете на стотиците израелски војници кои мораат да пукаат во невооружени луѓе. Тие би можеле да бидат ваши деца или роднини. Потоа ќе се вратат дома, но сигурен сум дека веќе нема да бидат истите – објаснува Керет.

Многумина Израелци сметаат дека војниците професионално ја извршувале својата задача. Израелската армија ги оквалификува протестите како „терористичка операција оркестрирана од Хамас“.

– Овие настани не смеат да се споредуваат со иделно и ненасилно решение, туку наспроти целите на Хамас, односно што би се случило, доколку тие ја пробиеја заштитната ограда. Единствениот заклучок е оти војниците немаа избор – порачува Еран Лерман, поранешниот заменик-советник за национална безбедност на Израел.